УНИЦЕФ ја поздрави одлуката за продолжување на наставата додека траат преговорите меѓу СОНК и Владата

Фото: Архива на Мета.мк

УНИЦЕФ ја поздрави заедничката одлука на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) за продолжување на наставата додека трае процесот на преговори во наредните недели.

Голема е веројатноста дека загубите во учењето ќе имаат негативно влијание врз децата денес, но ќе се одразат и на нивната иднина и социо-економскиот развој на земјата, велат од УНИЦЕФ.

„Со оглед на задоцнетиот почеток на учебната година и пролонгираниот штрајк на наставниците, императив е не само да се избегнат дополнителни загуби во учењето, туку образовниот систем да закрепне од постоечката криза во учењето и да ја ублажи долгорочната штета врз добросостојбата на децата, севкупниот развој и продуктивноста на општеството“, стои во соопштението на УНИЦЕФ.

Од таму додаваат дека го охрабруваат вклучувањето и учеството на младите во изнаоѓањето решенија за да се надомести пропуштеното во учењето, да продолжи наставата и да се најдат решенија за државната матура.

„Треба исто така да имаме на ум дека една учебна година се остварува со 172 дена настава, а не со достигнување фиксен датум во календарот. Во тој контекст, го охрабруваме Министерството за образование и наука да изнајде решенија кои ги вреднуваат различните потреби на учениците имајќи го предвид најдобриот интерес на учениците. Најверојатно таквата флексибилност и разновидни решенија ќе бидат потребни и за државната матура“, додаваат од УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ потсетува дека во ситуации во кои децата и младите го носат најголемиот товар, одговорност на општеството како целина е да создаде услови тие безбедно да го изразат своето мислење онлајн и преку други канали.

„Додека траат преговорите помеѓу Владата и СОНК, УНИЦЕФ ги охрабрува сите чинители да се стремат кон решенија со кои ќе се одбегнат какви било понатамошни прекини во учењето на децата и да ги земат предвид многу потребните пошироки образовни реформи кои ќе овозможат остварување на правото на децата на квалитетно и инклузивно образование“, велат од УНИЦЕФ.