Унгарија подготвува законско решение со кое се става крај на признавањето на транс-лицата

Десната партија која е на власт во Унгарија во моментов врши притисок врз законодавството со кое ќе се стави крај на законското признавање на транс-лицата, така што полот ќе се дефинира врз основа на „пол при раѓање“ и со тоа ќе им оневозможи на луѓето легално да го променат својот пол, пишува Гардијан.

Бидејќи вниманието во моментов е насочено кон пандемијата на коронавирус, транс активистите велат дека овој закон ќе ја зголеми дискриминацијата и нетолеранцијата кон транс лицата. Многумина од нив ќе се обидат да ја напуштат земјата, додека оние што ја немаат таа шанса ќе се соочат со секојдневни понижувања.

Бернадет Шел, независна пратеничка која се спротивстави на законот, го опиша како „зло“ и „чекор назад во времето“. За време на сослушувањето во судскиот комитет на парламентот, таа се обиде да прочита писмо од транс луѓе во кое се објаснува колку е штетен законот за нив, но беше прекината од претседателот на комисијата, кој го опиша писмото како „нерелевантно“.

Шел исто така го критикуваше времето во кое се наметнува овој нацрт-законот.

„Се соочуваме со пандемија и сите ние треба да се фокусираме на две работи: здравствените проблеми и да им овозможиме финансиска помош на лицата за да ја обезбедат својата благосостојба. Она што се случува во Унгарија е скандал“ рече таа.

Не е јасно кога нацрт-законот ќе биде ставен на гласање, но набудувачите велат дека неговото усвојување преку комисиите сугерира дека владата напредува во своите намери.

Во Македонија, ова прашање се уште не е решено. По повод денот за видливост на транс лицата, од Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија – Трансформа, апелираа до Управата за водење на матични книги, како институција надлежна за промена на полот во личните документи да реагира по нивните барања.