Унгарија денес гласа на едни од најнеизвесните парламентарни избори во последните децении, кои би можеле да стават крај на 16-годишното владеење на премиерот Виктор Орбан и значително да ги преобликуваат односите на земјата со Европската унија, Москва и Вашингтон, објави Гардијан.

Орбан се соочува со Петер Маѓар, поранешен висок член на неговата партија Фидес, кој сега ја предводи опозициската централно-десничарска партија Тиса. Според последните анкети, Маѓар има мала предност, иако аналитичарите предупредуваат дека голем број неопределени гласачи и гласовите од дијаспората може да го променат исходот.

Изборната кампања се одвиваше и на домашен и на меѓународен план. Орбан ја фокусираше реториката на војната во Украина, тврдејќи дека токму тој може да обезбеди мир и стабилност, додека Маѓар се концентрираше на внатрешните проблеми како корупцијата и нарушените односи со ЕУ.

Десничарски лидери од целиот свет застанаа зад Орбан. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс престојуваше во Будимпешта, изјавувајќи дека неговата цел е да му „помогне“ на Орбан. Поддршка даде и американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави економска соработка со Унгарија во случај на реизбор. Меѓу поддржувачите се и Џорџа Мелони и Бенјамин Нетанјаху.

Изборите се сметаат и за тест на политичкиот систем што Орбан го гради повеќе од една деценија. Критичарите тврдат дека тој го трансформирал системот во „иллиберална демократија“, со промени во изборните закони и контрола врз медиумите.

Дополнителна тежина на изборите им даваат и обвинувањата за можно руско влијание, како и контроверзии поврзани со односите на владата со Владимир Путин.