Нацрт-извештајот на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион ја разбранува охридската, но и македонската јавност, како и реакцијата на локалната самоуправа на истиот.

Извештајот веќе е пристигнат до сите надлежни институции на централно и на локално ниво, а од Општина Охрид во предвидениот рок велат дека ќе дадат коментари на оваа првична верзија на извештајот. Оттаму додаваат дека официјален став околу нотираните препораки и заклучоци ќе биде соопштен во јавноста откако ќе пристигне конечната и финална верзија на извештајот.

Една од препораките во новиот нацрт-извештај на УНЕСКО кој веќе е пристигнат до сите надлежни институции на централно и на локално ниво е трајно напуштање на идејата за изградба на марина во Студенчишкото блато, заштита на националниот и меѓународен интерес и значење на блатото и итно негово назначување на Рамсарската листа.

Рамсарската конвенција поттикнува национален ангажман и меѓународна соработка за заштита на водните живеалишта и нивните ресурси со цел да се овозможи одржлив развој насекаде во светот. Низ годините, Конвенцијата го проширила својот првичен домен на интерес – од живеалиштата на птици на водните живеалишта воопшто со цел да ги опфати сите аспекти на заштита и паметна употреба на овие еко системи. Рамсарската конвенција е потпишана од 170 земји, а Рамсарската листа брои 2.300 заштитени подрачја од меѓународна важност.

Во новиот нацрт-извештај на УНЕСКО, кој претставува своевиден резултат на реактивната мониторинг мисија од месец февруари 2020 година и е сублимат на забелешките од сите претходни мониторинг мисии кои биле реализирани во овој регион, исто така стои дека мора да се забранат било какви интервенции на тој дел од крајбрежјето, поточно, Студенчишкото блато и каналот Студенчишта.

Нацрт-извештајот на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион на 123 страници е неповолен, а колку различна ќе биде неговата финална верзија останува допрва да се види.