Извор на фотографија: УНДП

Извештајот за човековиот развој на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) годинава вклучи нов експериментален индекс за човековиот напредок, во кој се земени во предвид количеството на емисии на јаглерод диоксид и материјалниот отпечаток на земјите во светот.

„Пандемијата предизвикана од ковид-19 е најновата криза со која светот се соочува, но доколку луѓето не ја ослободат природата од нивниот цврст зафат, нема да биде последна“, се вели во Извештајот за човек развој 2020.

Извештајот вели дека луѓето и планетата влегуваат во целосно нова геолошка епоха наречена Антропоценска или Епоха на човекот. Тоа значи дека е време сите земји да го редефинираат начинот преку кој што целат кон напредок, целосно земајќи ги  предвид опасните притисоци кои луѓето ги вршат врз планетата и деконструирајќи ја нееднаквата распределба на моќ и можности која што оневозможува понатамошни промени.

„Луѓето располагаат со повеќе моќ над планетата од било кога досега. Во пресрет на ковид-19, рекордните температури и нееднаквоста која излегува од контрола, време е да се искористи оваа моќ за да го редефинираме значењето на зборот „напредок“,  при што јаглеродниот и потрошувачкиот отпечаток повеќе нема да бидат скриени“, вели Ахим Штајнер, Администратор од УНДП.

Инаку, Индексот за човеков развој на УНДП ги мери здравјето, образованието и животниот стандард на една нација. Во соопштението на УНДП се вели дека со додавањето на двата нови елементи (количеството на емисија на јаглероден диоксид и материјалниот отпечаток на една земја), повеќе од 50 земји веќе не спаѓаат во категоријата на земји со многу висок човеков развој доколку се земе предвид нивната зависност на фосилни горива како и нивниот материјален отпечаток.

Следната граница за човековиот развој бара соработка со а не против природата, паралелно трансформирајќи извесни социјални норми, вредности, како и владини и финансиски поттици, се вели во извештајот на УНДП.

„На пример, најновите претпоставки велат дека има големи шанси до 2100 година најсиромашните земји во светот да искусат дури до 100 повеќе денови со екстремни температури заради влијанието на климатските промени секоја година. Оваа бројка може да се преполови доколку Парискиот договор за климатски промени се спроведе во целост“, се наведува во соопштението на УНДП.

Според извештајот, намалувањето на притисоците кон планетата на начин кој ќе овозможи напредок за сите луѓе во оваа нова ера, зависи од решавањето на нееднаквата распределба на моќ и можности која што стои на патот на понатамошната трансформација.

Во извештајот на УНДП се вели дека треба да се преземат мерки што ќе ја засегнат целата јавност со цел да се адресираат овие нееднаквости. Примерите за вакви мерки се движат од имплементирање на прогресивен данок, па се до заштита на заедниците во крајбрежните предели преку превентивни инвестиции и осигурување, потег што потенцијално може да спаси 840 милиони луѓе кои живеат во крајбрежни предели со најниски надморски височини.