Со финансии од Шведска, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе реализира мерки за намалување на аерозагадувањето и за зајакнување на капацитетите на македонските општини. За реализација на Програмската рамка, Шведска обезбедила финансиска поддршка во висина од 4,13 милиони американски долари, а националното кофинансирање е во висина од половина милион долари преку Бирото за регионален развој. Со свои средства ќе партиципираат и партнерските општини и УНДП, информираат од УНДП.
Проектот за справување со загадувањето на воздухот започна да се реализира во пет општини, заедно со проектот за унапредување на капацитетите на општините и поддршка на рамномерниот регионален развој. Денеска беа презентирани главните цели и активности на Програмската рамка за соработка помеѓу Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – Сида и УНДП, во чии рамки, во наредните три години, ќе се реализираат двата проектa.
Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ УНДП го реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, при што ќе ги поддржи општините Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струмица и Струга со мерки и активности за откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, идентификување, развој и спроведување соодветни мерки за решавање на проблемите, јакнење на капацитетите на партнерските организации, како и подигнување на јавната свест за опасностите од аерозагадувањето.
„Справувањето со загадувањето бара мултисекторски пристап и координација, а конципираноста на овој проект го овозможува токму тоа. Предвидените проектни активности се надоврзуваат на оние кои министерството веќе ги имплементира и се вклопуваат во планското решавање на ова исклучително важно прашање“, порача министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Вториот проект „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ ќе работи на подготовка на квалитетна техничка документација за реализација на инфраструктурни проекти во повеќе општини и на поддршка на рамномерниот развој преку надградба на Индексот за општински развој. Партнери на УНДП во овој проект се Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и ЗЕЛС.
„Праксата покажува дека општините имаат ограничени човечки и финансиски ресурси за подготовка на проектна документација и затоа отсуствува понуда на конкурентни, одржливи проекти. Мора да ги менуваме работите за да можеме максимално да ги апсорбираме средствата од фондовите на ЕУ и да ги развиваме општините и регионите“, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.
Програмската рамка е креирана како резултат на успешно имплементираните први фази на двата проекта. Таа ќе придонесе вторите фази на проектите да се спроведат со интегриран пристап и на тој начин да се мултиплицираат очекуваните позитивни ефекти.
„УНДП речиси две децении ги поддржува општините во државата преку креирање и имплементација на сеопфатни програми и иницијативи насочени кон поттикнување на локалниот развој. Нашата работа на локално ниво е водена од главната цел да изградиме поефикасни, поотпорни, еколошки свесни и самоодржливи локални самоуправи, со крајна мисија да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.