УНДП: Eдна од 10 жени е жртва на злоупотреби на Интернет секој ден

Секоја форма на нарушување на приватноста, демнење, вознемирување, родово-базиран говор на омраза, споделување лични содржини без согласност, сексуална злоупотреба заснована на фотографии или видеа, неовластено навлегување во компјутерски систем, кражба на идентитет и директно насилство, жртвите можат да го пријават во најблиската полициска станица или на [email protected]

Фото: УНДП

Повеќе од 60 отсто од жените во земјава барем еднаш се соочиле со онлајн насилство, a една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден, што е причина Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) да ја подигне свеста за овој проблем преку кампања, соопштуваат оттаму. „И онлајн насилството остава лузни“ е името на кампањата со која целта е граѓаните да се едуцираат и да препознаат и пријави сексуалното насилство на Интернет.

„Сексуалното вознемирување и следење на Интернет и јавното споделување интимни содржини без дозвола се најбрзо растечки форми на родово-базирано насилство. Кампањата главно ќе се одвива на социјалните мрежи и преку неа ќе им се обратиме на младите, со посебно внимание кон жените и тинејџерките, затоа што сите истражувања и податоци укажуваат дека припадничките на оваа возрасна група се најчести жртви во случаите на технолошки овозможено родово-базирано насилство или онјлан насилство“, наведено е во соопштението од УНДП.

Како што оценуваат оттаму, последиците од родово базираното насилството на Интернет се реалност со која се соочуваат многу млади, а особено девојки и жени.

„Често пати е невидливо за останатите, но остава длабоки лузни кај жртвите. Време е да го препознаеме овој проблем и да почнеме да се справуваме со него затоа што безбедноста на интернет е право, а не привилегија. Интернетот треба да биде сигурен простор за сите без разлика на нивниот род, возраст, место на живеење или степен на образование“, вели Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Анкетата што УНДП ја спровеле покажала дека дури 70 отсто од жените кои биле жртви на онлајн насилство, не го пријавиле случајот.

„Родово базирано насилството е секоја форма на нарушување на приватноста, демнење, вознемирување, родово-базиран говор на омраза, споделување лични содржини без согласност, сексуална злоупотреба заснована на фотографии или видеа, неовластено навлегување во компјутерски систем, кражба на идентитет и директно насилство. Секој ваков случај, жртвите можат да го пријават во најблиската полициска станица или на [email protected]“, потенцираат оттаму.