Предавање, работилница и перформативна театарска тура изведувана по скопските улици, ќе бидат дел од уметничкиот проект „Градот како сцена: Пловечки универзитет“ што ќе се одржи од 5 до 7 декември, на неколку различни локации во главниот град.
Тридневниот уметнички проект почнува в четврток (5 декември) во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде ќе се одржи јавно предавање на Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од Берлин – членови на „Флоутинг Јуниверзити“ (Пловечки универзитет). На предавањето ќе се говори за поврзаноста меѓу природата и културата и за просторни експерименти во басенот за задржување дождовница.
„Флоутинг Јуниверзити Берлин“ е експериментален простор за спознавање на поврзаноста меѓу природата и културата – заеднички труд на повеќе од 50 уметници, дизајнери, архитекти, научници, инженери. Сместен во напуштениот басен за задржување дождовница во близина на поранешниот аеродром Темпелхоф, овој хибриден простор функционира како составен дел од некогашниот систем за управување со води, а истовремено служи и како живеалиште на мочуришни растенија, птици, жаби, лилјаци и лисици.
Проектот има амбиции да стане „двигател на трансформација“, отворајќи го патот за хибридна инфраструктура, која интегрира еколошки, социјални и јавни вредности во долгорочниот развој на просторот, велат организаторите на уметничкиот проект „Градот како сцена: Пловечки универзитет“.
Вториот ден од настанот (6 декември – петок) ќе се одржи целодневна работилница со студенти на Архитектонскиот факултет при УКИМ. И оваа работилница ќе ја предводат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси, а ќе биде на тема „Иднината на киното во Железничката зграда“.
Шетачката тура „Градот е јавност #1“, пак, ќе се одржи во сабота (7 декември) и ќе трае од 12 до 18 часот. Турата е замислена како театарски перформанс во четири чина и е предводена од интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски.
Перформативната шетачка тура почнува од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во 12 часот, вториот дел од турата почнува во 13:30 часот со јавен перформативен ручек со „Флоутинг Јуниверзити“ во Железничката зграда и во Архитектонскиот факултет, третиот чин почнува во 15 часот и е наречен „Отфрлање на модернизмот“. Турата завршува во Албанскиот народен театар во Скопје.
Турата е од отворен карактер и оние што би сакале да се вклучат треба да направат резервација на електронската пошта – [email protected].
Уметничкиот проект е организиран во рамки на проектот „We don’t want to be stars (but parts of constellations)“ – заеднички потфат на „Suns and Stars“, Факултет за работи што не се учат – ФРУ, и Музејот Eesti Kaasaegse Kunsti (EKKM), финансиран од Европската унија.