Во Скопје оваа есен ќе се случи уникатна интеркултурна соработка што ги спојува дигиталната уметност и уличната експресија. На 22 ноември, со почеток од 20 часот, во просториите на Бејс42, ќе се одржи мултимедијалната изложба која го носи името „Atiny’s Castle“, проект во организација на Здружението за промоција на источноазиските култури во Македонија – ПАГОДА, што ги обединува македонската уметница Јована Трајанова, позната под уметничкото име „HAILBLADE“ и реномираниот јужнокорејски графити уметник Чои Сунг-вук, познат како „LEODAV“ од Сеул.
Изложбата е инспирирана од глобалниот к-поп феномен ATEEZ, а двете уметнички перспективи се спојуваат во визуелна симбиоза што ја премостува географијата и културата преку јазикот на современата уметност.
На изложбата ќе можат да се видат портрети од членовите на к-поп групата ATEEZ во стилот познат како dreamy vaporwave, што е уникатен за Трајанова, збогатени со графити-интервенции на Сунг-вук. Реткиот визуелен судир меѓу дигиталната нежност и урбаната суровост создава моќна уметничка динамика.
На изложбата посетителите ќе можат ексклузивно да видат анимирано музичко видео креирано од Трајанова за песната „CASTLE“ на к-поп групата. Дополнително програмата ќе биде збогатена со перформанс од танчерски колектив, видео порака снимана исклучиво за македонската публика од Чои Сунг-вук.
Целата изложба има и хуманитарна акција со тоа што сите работи кои ќе бидат продадени на изложбата како постери и останати материјали, финансиската заработка ќе биде донирана на СОС Детско Село.
