Истече рокот за ултиматумот што го поставија граѓанските здруженија и „Шарената револуција“, а иницијативата за Специјалното јавно обвинителство не се најде на дневниот ред за следната седница на Уставниот суд, закажана за среда.

Граѓаните и „Шарената револуција“ завчера со герила-акција го испишаа последниот број од одбројувањето и најавија голем протест за понеделник, 20 јуни. Дотогаш не се предвидени посебни активности. Вчера на страницата на „Шарената револуција“ на социјалната мрежа „Фејсбук“ беше објавено промотивен видеозапис за претстојниот протест.

„Режимот планира да го укине СЈО! Граѓаните доаѓаат по правдата“, стои во повикот.

Од „Шарена револуција“ во четвртокот соопштија дека нивните активности нема да запрат по истекувањето на ултиматумот, но не открија кои ќе бидат следните нивни чекори. Во врска со тоа што нивното барање не се најде на дневниот ред на Уставниот суд, активистите соопштија: „Во оваа држава, сè е можно. Има време, до среда може и да се најде на дневниот ред“.

„Шарената револуција“, освен што бара Уставниот суд да се изјасни СЈО, исто така бара да престане полицискиот прогон врз демонстрантите.