Фото: Архива на Мета.мк

Неколку дена по веста на Порталб.мк, во врска со дупките по улиците во Тетово, Општина Тетово објави на Електронскиот систем за јавни набавки договор од 191.000 евра со компанијата „Еуро инвест“ токму за пополнување на дупките. Иако градоначалничката Теута Арифи ова го ветува од 2013 година, ова се очекува да се реализира во следните денови, пишува Порталб.мк.

Општина Тетово склучила договор со компанијата „Еуро Инвест“ за пополнување на дупките на територијата на оваа општина, а договорот изнесува 11.800.000 денари или 191.869 евра.

Новинарот на Порталб.мк пред четири дена ги посети седумте главни населби со најмногу жители во овој град. Во повеќето од нив, жителите изјавија дека не паметат кога последен пат Општина Тетово интервенирала за поправки на улиците или пополнување на дупките.

Меѓу сообраќајниците преполни со дупки се улица „Браќа Миладиновци“ – лоцирана на патот кон Градската бања, улица „Струшка“ – позади Основниот суд, улица „Ѓоце Стојчевски“ – кај Градската болница, улица „Благоја Тоска“ – кај Средното текстилно училиште, улица „Борис Кидриќ“ – кај Автобуската станица, улица „ЈНА“, улица „Киро Ристоски Дрнч“.

Потсетуваме, еден од приоритетите на првиот мандат на градоначалничката на Општина Тетово, беше токму пополнувањето на ударните дупки и патната инфраструктура.

Инаку, градот Тетово со години се соочува со проблемот на дупки по улиците, а општинските власти не преземаа ништо за решавање на овој проблем. Потсетуваме дека во март минатата година, Општина Тетово ја искористи можноста да добие од 70 милионскиот кредит на Владата на РСМ, за поправка на инфраструктурата во две населби кои се во мизерна состојба, а улиците во овие населби сè уште не се санирани.