Улични борби во Бахмут, беснее битка за контрола на градот

Зеленски вчера истакна дека на Украина ѝ се потребни артилерија и гранати за да се запре Русија.

Бахмут (март 2023) / фото: Укринформ

Руските и украинските сили се борат на улиците на Бахмут кој се наоѓа во Донецкиот регион во источниот дел на Украина, но Русија не го контролира градот, изјави заменик-градоначалникот на Бахмут, Олександр Марченко за Би-би-си.

Во градот со месеци се водат борби, додека Русија се обидува да ја преземе контролата.

Заземањето на Бахмут би било редок успех на бојното поле во последните месеци за Русија. Сепак, и покрај тоа, стратешката вредност на градот е доведена во прашање – некои експерти тврдат дека евентуалната руска победа во овој регион би можела да биде „безвредна“.

Бахмут пред почетокот на војната имаше околу 70.000 жители, додека според Марченко, сега се преостанати околу 4.000 цивили кои живеат во засолништа без пристап до струја, вода и топлина. Заменик-градоначалникот рече дека ниту една зграда не останала недопрена и дека градот е речиси уништен.

Марченко во разговорот со Би-би-си рече дека единствена цел на Русија е убивање на луѓе и геноцид врз украинскиот народ.

Претходно оваа недела, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека ситуацијата во областа станува сè потешка, иако украинската војска вчера соопшти дека одбила бројни напади.

Зеленски вчера истакна дека на Украина ѝ се потребни артилерија и гранати за да се запре Русија.

Британското воено разузнавање соопшти дека рускиот напредок во северните предградија го направил делот од градот кој е под контрола на Украина ранлив на руските напади од три страни, пренесе „Гардијан“.

Во последниот извештај, Министерството за одбрана на Обединетото Кралство вели дека Кијив ја зајакнува областа со елитни единици и уништува клучни мостови, но руските сили напредуваат и понатаму.

„Рутите за снабдување надвор од градот, контролирани од Украина, се сè поограничени“, се вели во извештајот на британското Министерство за одбрана.

Во меѓувреме, бројот на загинати во рускиот ракетен напад врз станбен блок во Запорижја се искачи на 10. Меѓу жртвите има и дете, пренесе „Укринформ“.

Инаку, „Гардијан“ пренесе дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу бил во ретка посета на руските сили во Украина. На видеото објавено на Телеграм од Министерството за одбрана на Русија се гледа Шојгу како доделува медали на руски воен персонал и обиколува разурнат град. Руските врвни воени лидери ретко ја посетуваа линијата на фронтот во Украина откако Русија ја нападна земјата.

Шојгу, кој ја извршува функцијата министер за одбрана од 2012 година беше подложен на остри критики за неговите перформанси за време на војната, а шефот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин минатиот месец го обвини Шојгу и други лица за „предавство“.