Украинското културно наследство е во опасност, предупреди УНЕСКО

фото: @fatmagul на Unsplash

Агенцијата за култура на Обединетите нации, УНЕСКО, предупреди дека главните историски знаменитости во Украина се во опасност да бидат оштетени, па дури и уништени додека Русија продолжува со својата офанзива, пишува „Јуроњуз“.

УНЕСКО посочува дека намерното уништување на наследството на една земја или култура е воено злосторство и дека таргетирањето на културните места преминало во тактика на војна за оштетување и обид за уништување на општествата во подолг период.

„Градските центри се сериозно оштетени, од кои некои имаат локации и споменици кои датираат од 11 век. Музеите се оштетени. Има и културни објекти кои се оштетени. Тоа е цел културен живот кој ризикува да исчезне“, изјави Лазар Елонду, директор на УНЕСКО за светско наследство.

„Јуроњуз“ пишува дека во обраќањето до Советот за безбедност на ОН во 2015 година, поранешната генерална директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, ваквото уништување го опишала како „културно чистење“.

Украина и Русија имаат блиски културни и верски врски, но откако Русија ја нападна Украина во 2014 година, се разви делумен раскол меѓу нивните православни цркви. Во 2019 година, на Православната црква на Украина ѝ беше доделена независност од Вселенскиот патријарх во Истанбул, што го означи историското одвојување од Русија.

Земајќи ги предвид овие политички и религиозни тензии, Елонду вели дека е особено загрижен додека борбите се приближуваат до Киев.

„Локација за која сме загрижени е градот Киев, кој претставува Светско културно наследство. Овој локалитет има две многу важни знаменитости: Катедралата „Света Софија“ и манастирскиот комплекс Лавра. Овие две места се сведоштво за раѓањето на Руската православна црква“, вели Елонду.

Тој ги повика сите земји членки на УНЕСКО, вклучувајќи ја и Русија, да не тагетираат никакви културни локации.