fbpx

Украинците не се предаваат, борбите за Соледар и Бахмут продолжуваат

-

Жестоките борби меѓу руските и украинските сили продолжуваат во градовите Соледар и Бахмут во Донецкиот регион, а руските власти признаваат дека украинските војници пружаат отпор и уште не се совладани на терен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека војниците ќе бидат обезбедени со сето она што им е потребно за да ги задржат руските сили при напредувањето во една од најкрвавите битки од почетокот на руската воена агресија врз Украина, пренесува Гардијан.

И покрај тоа што руски официјални лица тврдеа дека Соледар е заземен, украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар објави дека непријателот и ноќеска жестоко ги напаѓал украинските сили во Соледар, но и дека битката продолжува, јавува Укринформ. Истовремено, украински извори додаваат дека се убиени над 100 руски војници.

Украинските власти потенцираат дека во градот Соледар се заробени стотици цивили, кои не успеале да се евакуираат пред отпочнувањето на жестоките борби. Гувернерот на Донецкиот регион, Павло Кириленко информираше дека 559 цивили, меѓу кои и 15 деца, се заробени во градот и не можат да бидат евакуирани поради жестоките борби што се водат деновиве, пренесува Гардијан.

Руските сили не можат да ја пробијат линијата на одбрана на украинските војници во Бахмут, каде за само 24 часа се одвивале дури 42 одделни битки меѓу спротивставените страни, јавува Укринформ. 

Украинскиот генерал Валериј Залужни изјави дека на Украина ѝ се потребни околу 300 западни тенкови и околу 600 западни оклопни борбени возила за да направи исчекор напред кон победа во војната во Украина. Неговата изјава за весникот Њујорк Тајмс доаѓа во период кога во рок од неколку часа САД, Германија и Франција ветија дека ќе испратат оклопни воени возила како помош на Украина на боиштата.

Западните официјални лица подолг период одбиваа на Украина да ѝ испратат помош во тенкови и борбени оклопни возила, стравувајќи од евентуална ескалација на конфликтот и употреба на ваквото оружје за евентуална провокација кон Москва. Сепак, стравувањата од нова руска пролетна офанзива во Украина и ограничувачките можности на Кијив да се одбрани, отвораат можност за кршење на табуата во снабдување со оружје кое претходно се сметаше за премногу провокативно во конфликтот, пренесува Гардијан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...