Снабдувањето со електрична енергија денеска ќе биде прекинато помеѓу осум и 16 часа во повеќето региони на Украина, соопшти државниот оператор на преносниот систем Укренерго, откако руските напади насочени кон енергетската инфраструктура го намалија производствениот капацитет на земјата речиси на нула.

Москва, која ги ескалираше нападите врз инфраструктурата на Украина во последните месеци, лансираше стотици дронови кон енергетските објекти низ целата земја во петокот и вчера, при што загинаа најмалку седум лица, според украинските власти.

Руските напади го прекинаа снабдувањето со електрична енергија, топлина и вода во неколку украински градови, а државната енергетска компанија „Центеренерго“ предупреди дека производствениот капацитет е намален на нула.

Укренерго соопшти дека се извршени поправки и дека изворите на енергија се пренасочени.

Иако ситуацијата се стабилизираше донекаде, регионите, вклучувајќи ги Киев, Днепропетровск, Донецк, Харков, Полтава, Чернигив и Суми, би можеле да продолжат да доживуваат редовни прекини на електричната енергија, изјави украинскиот министер за енергија.

„Непријателот нанесе масивен удар со балистички ракети, кои се исклучително тешки за соборување. Тешко е да се сетиме на толку голем број директни напади врз енергетски објекти од почетокот на инвазијата“, изјави Свитлана Гринчук за локалниот радиодифузер „Јунајтед њуз“.
Руски беспилотни летала погодија две нуклеарни трафостаници длабоко во западна Украина, изјави министерот за надворешни работи на Киев, Андриј Сибиха, повикувајќи го нуклеарниот надзорник на ОН да реагира.
Трафостаниците ги напојуваа нуклеарните централи Хмелницки и Ривно, оддалечени околу 120 км и 95 километри од Луцк, рече тој.

„Русија намерно ја загрозува нуклеарната безбедност во Европа. Повикуваме на итен состанок на Одборот на гувернери на МААЕ за да се одговори на овие неприфатливи ризици“, напиша тој на Телеграм доцна во саботата, осврнувајќи се на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Сибиха, исто така, ги повика Кина и Индија – традиционално големи купувачи на руска нафта – да извршат притисок врз Москва да ги прекине нападите.

Експертите рекоа дека нападите врз енергетската инфраструктура ја доведоа Украина во опасност од прекини во греењето пред зимата. Русија ја таргетираше електричната и топлинската мрежа во текот на речиси четиригодишната инвазија, уништувајќи голем дел од клучната цивилна инфраструктура.

Нападот од овој викенд беше деветтиот масовен напад врз гасната инфраструктура од почетокот на октомври, соопшти украинската енергетска компанија Нафтогаз.

Економскиот факултет во Киев во извештај процени дека нападите го запреле половина од производството на природен гас во Украина.

Врвниот украински експерт за енергетика, Олександр Харченко, на брифинг за медиумите во среда изјави дека ако двете електрани и топлификациски централи на Киев останат без струја повеќе од три дена кога температурите ќе паднат под минус 10 степени Целзиусови, главниот град ќе се соочи со технолошка катастрофа.

Украина, пак, ги засили нападите врз руските нафтени депоа и рафинерии во последните месеци, обидувајќи се да го прекине виталниот извоз на енергија од Москва и да предизвика недостиг на гориво низ целата земја.