Германскиот канцелар Фридрих Мерц изнесе нов предлог за забрзување на процесот на членство на Украина во Европската Унија, со кој земјата би добила делумен пристап уште на почетокот, пишува Euractiv, повикувајќи се на документ што го видел нивниот известувач.
Според германскиот план, Украина првично би станала „асоцијативна членка“, статус што би ѝ овозможил учество на состаноците на лидерите и министрите на ЕУ, но без право на глас.
„Немаме време за дополнителни одложувања“, навел Мерц во писмо упатено до Антонио Кошта, Урсула фон дер Лајен и кипарскиот лидер Никос Христодулидес. Тој нагласил дека е време за „храбро придвижување“ на европската интеграција на Украина преку нови и пофлексибилни решенија.
Мерц своите идеи ги разгледал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со европски лидери на неформален самит во Кипар во април, наведувајќи дека целта е што поскоро да се постигне договор, но без да се создаде модел на „олабавено членство“.
Во рамки на предлогот, Украина би добила и можност за член во Европската комисија без ресор и без право на глас, како и статус на придружни европратеници без гласачко право, со право на учество и збор на важни состаноци. Паралелно, земјата би продолжила со реформите потребни за полноправно членство, особено во областа на владеењето на правото и заштитата на малцинствата.
Иницијативата на Германија доаѓа во момент кога во ЕУ се водат дебати за забрзување на проширувањето кон Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан, меѓу кои Црна Гора и Албанија се сметаат за предводници.
Разговорите за можно проширување беа засилени по мировните преговори меѓу САД и Русија кон крајот на минатата година, кога се отвори можност Украина теоретски да стане членка на ЕУ уште во 2027 година, доколку се постигне договор. Идејата за забрзано проширување е поддржана и од украинскиот претседател Зеленски, кој повеќепати јавно повика на побрза интеграција.
Во Брисел постоеше очекување дека Европската комисија напролет ќе предложи реформа на процесот на проширување, но дебатата подоцна се забави. Дел од земјите членки ја отфрлија идејата за т.н. „обратно проширување“, со кое Украина би се приклучувала по поинаков модел.
Оттогаш, дискусиите се водат претежно зад затворени врати, со ограничени предлози за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан. Проширувањето не е меѓу приоритетните теми на состаноците на лидерите на ЕУ, иако се очекува повторно да се отвори на идните самити.
Според планот на Берлин, земјите како Молдавија и државите од Западен Балкан би имале понизок статус, набљудувачи во институциите на ЕУ. Германски функционер наведува дека би можеле да се одржуваат заеднички седници со претставници од тие земји, а тие би добиле и поширок пристап до европските програми и делови од единствениот пазар, паралелно со напредокот во реформите.
Мерц, според германските власти, со овој предлог сака да обезбеди поопипливи придобивки за Украина и да одговори на критиките за бавното темпо на европската интеграција.
Сепак, дел од земјите членки, меѓу кои и Австрија и групата „Пријатели на Западен Балкан“, се противат на различен третман на Украина во однос на другите држави што долго чекаат на членство.
Предлогот доаѓа само неколку недели пред самитот за Западен Балкан што почетокот на јуни ќе се одржи во Црна Гора.
Извор: Euractiv
