Украинските воздухопловни сили соопштија дека се соочуваат со „сериозен недостиг“ на пресретнувачки ракети, поради што во последниот руски напад врз Киев не била соборена ниту една од 23-те балистички ракети испукани во неделата навечер, објави Би-Би-Си.

Најмалку 14 лица загинале во вториот голем руски напад врз украинската престолнина за една недела, а уште шест лица биле убиени во поширокиот Киевски регион.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од сојузниците да донесат „силни одлуки“ на овонеделниот самит на НАТО и да обезбедат повеќе воздушна одбрана за Киев.

Зеленски наведе дека во неделниот „масивен руски напад“ биле користени 68 ракети и 351 дрон. Според неговата објава на Икс, украинската војска успеала да пресретне крстосувачки ракети и дронови, но не и балистички ракети.

Би-Би-Си пишува дека воздухопловните сили собориле или неутрализирале 37 ракети и 326 дронови. Зеленски предупреди и дека Москва ќе продолжи да ги напаѓа станбените згради додека ракетите „Патриот“ остануваат во залихите на сојузниците.

Во Киев во понеделникот наутро беа видливи големи оштетувања на станбени згради, а три големи блокови биле делумно урнати при што некои биле директно погодени од ракети, наведува Би-Би-Си.

Државната служба за вонредни ситуации на Украина соопшти дека во главниот град биле повредени 56 лица меѓу кои и седум деца, а Зеленски рече дека во поширокиот регион има уште 16 повредени.

Би-Би-Си пренесе и дека спасувачките екипи работат меѓу урнатините во подрачјето Подилски во Киев каде што еден станбен блок бил пробиен од голема ракета па исчезнатите во рушевините се бараат со кучиња трагачи. Во градот имаше и повеќе пожари, кои беа гаснети со повеќе хеликоптери кои собираа вода од реката Днепар.

Зеленски во понеделникот напиша на Икс дека е „критично важно“ САД и европските партнери да дојдат на самитот со „силни одлуки“ во поддршка на украинската воздушна одбрана. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека на самитот ќе се разговара за „итната“ потреба на Украина од повеќе воздушна одбрана.

Извор: Би-Би-Си