fbpx

Украина има 13.000 загинати војници, Бајден би се сретнал со Путин ако тој сака да се заврши војната

-

Украинските власти информираат дека од почетокот на руската инвазија врз Украина загинале меѓу 10.000 и 13.000 украински војници, изјави денеска Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, пишува Би-Би-Си.

Ниту Украина, ниту Русија имаат тенденција да објавуваат бројки за жртви во изминативе недели меѓу своите редови, а коментарите на Подољак засега не се потврдени од страна на украинската војска. Во јуни тој рече дека дневно умираат меѓу 100 и 200 украински војници.

Минатиот месец, највисокиот американски генерал, Марк Мили, рече дека околу 100.000 руски и 100.000 украински војници биле убиени или ранети од почетокот на војната.

Тој додаде и дека бројот на убиени цивили во војната може да биде „значителен“. Би-Би-Си идентификуваше околу 3.600 цивилни жртви во Украина од средината на јуни. Бројката сега веројатно е многу поголема.

Подољак, исто така, посочи дека до 100.000 руски војници биле убиени од почетокот на руската инвазија на 24 февруари и дека уште 100.000 до 150.000 биле ранети, или исчезнати или не можеле да се вратат во борба.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека би бил подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин „доколку всушност постои интерес тој да одлучи дека бара начин да ја заврши војната“.

Обраќајќи им се на новинарите заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, тој истакна дека Путин сè уште не го сторил тоа, пренесува Би-Би-Си.

Двајцата лидери истакнаа дека ќе продолжат да се противат на војната што ја започна Русија.

Како одговор, Кремљ рече дека претседателот Путин останува отворен за разговори кои имаат за цел да ги осигураат нивните интереси.

Сепак, портпаролот Дмитриј Песков за новинарите изјави дека официјална Москва секако не е подготвена да ги прифати американските услови: „Што всушност рече претседателот Бајден? Тој рече дека преговорите се можни само откако Путин ќе ја напушти Украина“.

Инаку, неколку украински амбасади во странство добија „крвави пакети“ во кои се наоѓале очи од животни, соопшти украинското Министерство за надворешни работи. Ваквиот непријателски чин следи откако серија на писма-бомби беа испратени на локации во Шпанија, вклучително и во амбасадата на Украина во Мадрид.

Пакетите, натопени во течност со карактеристична боја и мирис, беа испратени до украинските амбасади во Унгарија, Холандија, Полска, Хрватска и Италија, до генералните конзулати во Неапол и Краков и до конзулатот во Брно.

ЕУ денеска ги објави и новите предлози на Европската комисија, која предлага парични и затворски казни за прекршување на санкциите против Русија. Компаниите кои ги прекршуваат санкциите на ЕУ против Русија ќе се соочат со казни од најмалку пет отсто од нивниот промет, пишува Гардијан.

Предлозите претходно треба да бидат одобрени од Европскиот парламент и 27-те земји-членки на ЕУ пред да стапат на сила. Поединците кои ќе ги прекршат санкциите на ЕУ ќе се соочат со потенцијални затворски казни од најмалку пет години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...