Украина и Русија меѓусебно се обвинија за прекршувања на краткото примирје за Велигден, објави Би-Би-Си.

Украинската војска утрово соопшти дека руските сили извршиле 2.299 прекршувања на примирјето.

Руското министерство за одбрана пак, соопшти дека украинските сили извршиле 1.971 прекршување на правилата, вклучувајќи три обиди за контранапади во регионот Дњепропетровск.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека силите на неговата нација ќе одговорат „симетрично“ на руските напади за време на прекинот на огнот, нарекувајќи го Велигден „време на мир“.

Тој додаде дека се надева оти примирјето би можело да се продолжи и по Велигден за да се олеснат мировните преговори но Русија ја отфрли идејата, велејќи дека нападите ќе продолжат во понеделник.

Во северниот украински регион локалните власти соопштија дека руски дрон погодил амбулантно возило во текот на ноќта, при што биле повредени три медицински лица.

Украинските и руските власти, исто така, објавија дека во саботата размениле по 175 воени заробеници, вклучувајќи по седум цивили.