Украина во средата ги обвини Соединетите Американски Држави дека со ограничувањето на пристапот до сателитските комуникациски системи Старлинк и Старшилд ѝ го отежнуваат одговорот против руските ракетни и беспилотни напади, објави Ле Мон.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од американскиот милијардер Илон Маск да биде обновен пристапот до Старлинк, откако Киев соопшти дека системот е забавен.

„Се надевам дека е грешка, можеби голем технички проблем. Не знам, но бараме да го вклучат“, изјави Зеленски во интервју за британскиот новинар Пирс Морган.

Маск, пак, одговори дека евентуалните ограничувања не се одлука на неговата компанија „Спејс екс“, туку на американската влада. Тој направи разлика меѓу цивилниот Старлинк и Старшилд, систем кој Украина го користи за комуникации на бојното поле.

„Старшилд е во сопственост и под контрола на американската влада. Сите ограничувања на брзината или употребата ги одредува американската војска, а конечната одлука е на претседателот на САД“, напиша Маск.

Украинскиот поранешен министер за одбрана Михајло Федоров претходно објави дека поврзувањето преку Старлинк, со брзини до 160 километри на час, се обновува, но предупреди дека целосното отстранување на ограничувањата на Старшилд е клучно за одбраната на Украина. Подоцна му се заблагодари на Маск за, како што наведе, неговата континуирана поддршка.

Советникот на Зеленски, Сергиј Бескрестнов, оцени дека ограничувањата на Старлинк и последните руски напади не се случајно совпадение.

„Со своите постапки, нашите партнери ни одземаат една од малкуте можности да ја браниме земјата од беспилотните летала Шахед“, напиша тој на Телеграм.

Во меѓувреме, Зеленски ги обвини сојузниците дека не ја предупредиле Украина навреме за последниот бран руски напади, оценувајќи го тоа како „целосно неправедно“. Тој исто така ја обвини Русија дека намерно го прекршила неформалниот „енергетски прекин на огнот“ што еднострано го најави Трамп.

Во последните напади низ Украина загинаа најмалку 15 лица, а значително беа оштетени енергетски објекти. Без електрична енергија останаа големи делови од Киев.

Балистички ракети погодија енергетски објекти во источниот регион Харкив, додека напади беа пријавени и во Житомир, Суми и Чернигив. Киев беше цел на балистички ракетни напади две ноќи по ред, при што, според украинските власти, во некои случаи предупредувањата за населението пристигнале предоцна.

Русија и претходно ја напаѓаше украинската енергетска инфраструктура, особено електраните и системите за греење, со цел да ги наруши снабдувањето и условите за живот пред зимата, кога температурите во делови од земјата може да паднат и до минус 20 степени Целзиусови.

Од Кремљ порачаа дека внимателно ги следат случувањата и евентуалната промена во американската поддршка за Украина, но дека е прерано да се извлечат „системски заклучоци“.