Организирана група изработувала фалсификувани лични карти со кои биле злоупотребени личните податоци на македонски граѓани, а потоа биле користени за подигање на таканаречени „брзи кредити“. Ова го открива новиот истражувачки документарен филм „Украдени животи“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Во документарецот објавен вчеравечер, се открива дека групата со фалсификуваните лични карти отворала и банкарски сметки во име на граѓаните – жртви. Со украдени идентитети и фалсификувани лични карти кои се изработувале на Косово, а на кои се лепеле фотографии од лица од Бугарија и Србија, организираната група подигала пари од финансиски друштва во земјава кои нудат брзи кредити. Притоа, се краделе идентитети на невини граѓани, а меѓу нив и на ментално попречени лица и одамна иселени граѓани.
Една од жртвите е 44-годишна скопјанка, која во документарецот споделува дека во нејзино име биле подигнати дури седум брзи кредити. Жртвата ангажирала адвокат преку кој се обидела да спречи присилна наплата, со објаснување дека е измамена и оти случајот го истражува обвинителството.
„Шест од финансиските друштва одлучиле да ја паузираат наплатата на долговите додека трае истрагата. Единствено друштвото ‘СН финансии’ одлучило да го наплати долгот во целост иако Марија не зела пари од кај нив, туку тоа го сторил друг со лажна лична карта. Кога во декември 2023 година почнало извршувањето, на Марија ѝ ја блокирале банкарската сметка. Оттогаш почнала на рати да враќа пари за кредит земен од ‘СН финансии’ во висина од околу 30 000 денари. Друштвото пресметало дека треба да им врати трипати повеќе“, се вели во сторијата на ИРЛ.
Истражувајќи го случајот на 44-годишната скопјанка и нејзиниот украден идентитет, ИРЛ открила дека зад измамите стоеле добро организирани лица. Утврдиле дека, освен преку фалсификувани лични карти, граѓани станувале цел на измама и преку фиктивни вработувања во компании што ги отворале измамниците за лицата да бидат вработени, што е олеснителна околност за да се добие брз кредит.
Лицето Димитар Кратовски кој во документарецот на почетокот има улога на таен извор со заштитен идентитет, но потоа станува осомничен од обвинителството, за ИРЛ сведочи дека податоците за измамените лица најчесто се добивале од државни институции. Според Кратовски, измамниците имале свои луѓе во многу институции, но и во банки.
Документарецот покажува дека институциите потфрлиле целосно да ги заштитат личните податоци на граѓаните. Информации за матични броеви, адреси и кредитна и здравствена историја протекувале од дузина државни институции.
Во „Украдени животи“ се вели дека измамничките шеми и предаторските пракси на продавниците за пари се резултат на речиси непостоечкиот надзор врз индустријата за брзи кредити – само шест службеници од Министерството за финансии контролираат 27 финансиски друштва со 220 подружници.
„Податоците за задолжувањата во овие друштва каде што секој втор не може навремено да го врати кредитот, како и високата бројка на измами коишто друштвата ретко ги пријавуваат во полиција покажуваат дека државата ги игнорира криминалните, но и економските ризици од социјални немири. Недоволните човечки и финансиски ресурси на полицијата и обвинителството, неорганизираноста на институциите и постоењето на доушници на криминалните групи во самите институции покажуваат отсуство на политичка волја за заштита на граѓаните од измами, криминал и банкрот“, се вели во сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија.