Укинати лиценците за интернет коцкање, се чека нов закон за игри на среќа

Предизборното ветување на ВЛЕН за ограничување во индустријата за коцкање и игри на среќа, како и ревизија на сите сомнителни одлуки поврзани со казината и онлајн обложувањето во првите 100 дена од Владата, оценуваме дека реализацијата на ова ветување е во тек

-

Ограничувањето на игрите на среќа беше едно од базичните ветувања на коалицијата ВЛЕН за последните парламентарни избори. Изет Меџити, претседател на Демократското движење и член на коалицијата ВЛЕН, во периодот на формирањето на новата Влада најави дека ќе се заложи за намалување на бројот на казина, а во првите 100 дена од Владата да бидат разгледани сите сомнителни одлуки поврзани со казината и онлајн обложувањето. Прв чекор во остварување на ветеното е укинувањето на неколку онлајн коцкарници, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Коалицијата „Вреди“ од албанскиот политички блок, во која се партиите „Беса“, „Алтернатива“, „Демократско движење“ и Алијанса за Албанците – крилото на Арбен Таравари , во кампањата за парламентарните избори (8  мај 2024 г.), меѓу другото, најави и мерки за гасење на индустријата за игри на среќа.

Ветување: Затворање на казината и обложувалниците

[Извор: Телма – датум: 18.04.2024]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ограничувањето на игрите на среќа беше едно од базичните ветувања на коалицијата ВЛЕН („Вреди“), како опозиција во предизборниот период. По формирањето на владината коалиција, во која учествува и ВЛЕН, беше покрената иницијатива остварување на ветеното.

На почетокот на јуни Изет Меџити, претседател на Демократското движење и член на коалицијата ВЛЕН, во изјава за весникот „Лајм“ вети дека новата Влада ќе се заложи за намалување на бројот на казина, а во преговорите околу поделбата на ресорите со останатите партии, најави дека е договорено во првите 100 дена од Владата да бидат разгледани сите сомнителни одлуки поврзани со казината и онлајн обложувањето.

Нема да учествуваме во Државната лотарија. Разговаравме дека меѓу првите точки во Владата треба да се преиспита прашањето за казината, да се укинат незаконските решенија што се донесени и очигледно, радикално да се намали нивниот број бидејќи во оваа кревка економија, во овој период кога младите луѓето ни бегаат, не ни требаат казина. Ни требаат нови работни места и економски развојизјави Меџити на 07.06.2024.

Како прв чекор во укинување на онлајн обложувањето, пратениците на ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на 11.07.2024 година во Собранието поднесоа барање за автентично толкување на Член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, за да добијат прецизно толкување дали претходната одлука на Владата и на раководството на Државната лотарија за онлајн коцкање има законска основа. Формирана е работна група и од ВЛЕН очекуваат во разумен рок Владата да му предложи на Собранието нов закон за игри на среќа и забавни игри.

Очекуваме тој закон да содржи низа одредби со кои сме сигурни дека бројот на постоечки објекти за коцкање ќе се намали минимум за половина, беше потенцирано во соопштението од ВЛЕН.

Пратеникот од ВЛЕН Халил Снопче информира дека првиот чекор од нивниот план е отстранување на коцкањето од домовите, а дека претходно донесените одлуки за три нови компании за организирање на игри на среќа преку Интернет се целосно без основа.

Снопче на прес-конференцијата во Собранието (11 јули) изјави дека очекува од Владата во разумен рок да му предложи на Собранието нов закон за игрите на среќа, кој ќе содржи низа одредби, со кој се сигурни дека бројот на постоечките објекти за игри на среќа, како што вели, ќе се намалат минимум за половина.

Во рамките на владејачката коалиција постои политички волја овој план да се спроведе во целост, изјави Халил Снопче на 11.07.2024.

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 13.08.2024 даде автентично толкување на членот 7. од Законот за игрите на среќа и забавните игри.

На седницата на Владата одржана на 24.09.2024 година е донесена Одлука за реализација на толкувањето од Собранието за престанок на важноста на нелегалните лиценци за он-лајн коцкарници:

Поради неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата во врска со потребата за престанување на Друштвото за приредување на електронски игри на среќа, Нова Државна видео лотарија НОВО ВЛТ ДОО – Скопје и друштвата за приредување интернет игри на среќа Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – МОЗЗАРТ ДОО Скопје, Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – 77 БИТС ДОО Скопје и Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – ВЕЗУВ ДОО Скопје, во кои содружник е Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија и преземање активности за отстранување на платформата 2Win.mk за приредување интернет (онлајн) игри на среќа на Друштвото за приредување на игри на среќа, Државна видео лотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО – Скопје. Се задолжува Друштвото за приредување на игри на среќа, Државна видео лотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО – Скопје да ги преземе потребните активности за отстранување на платформата 2Win.mk за приредување интернет (онлајн) игри на среќа од глобалната интернет мрежа, согласно Автентичното толкување на членот 7 ставови (2), (3) и (4) од Законот за игрите на среќа и забавните игри.

На четирите онлајн платформи за коцкање кои во следниот период треба да се укинат биле регистрирани околу 80.000 Македонци, а најголемиот дел од нив, од 50.000 – 60.000 отпаѓаат на платформата 2win.mk. Според информациите на РСЕ, граѓаните во период од месец ќе можат да ги повлечат депозитите назад кои ги имаат на платформите, а потоа тие ќе бидат отстранети од интернет просторот.

Се работи за компании кои Државна лотарија заеднички ги основала со бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД, потоа „Везув“ (најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора) и српската „Моцарт ДОО Белград“, една од најголемите компании за игри на среќа во регионот. Во нив Државна лотарија како акционерско друштво поседувала 51 отсто од сопственоста, додека приватните фирми 49 отсто.

Вицепремиерот Изет Меџити од ВЛЕН по владината одлука посочи дека ги стопирале штетните дозволи кои претходната Влада на ДУИ и СДСМ ги доделила на српски, црногорски и други фирми.

Стопиравме можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони, во своите компјутери од дома и од училиште. Ветувањето пред изборите, денес станува реалност. Остануваме луѓе од збор. Нема да дозволиме личното богатење на поединци од претходната Влада да биде причина за илјадници осиромашени семејства на наши сограѓани. Ветивме дека ќе се бориме против ова зло, денес покажуваме на дело. Нема да запреме додека не создадеме услови за пристоен живот, рече Меџити.

На оваа владина одлука изминативе месеци во предизборниот период ѝ претходеше судир на спротивставените концепти на владејачката коалиција и сегашната опозиција околу ограничувањето на игрите на среќа: се работи за ограничувањата во различни сфери од оваа индустрија. Владината коалиција се залага за укинување на обложувањето во онлајн просторот и преполовување на физички достапните објекти (обложувалници и казина) до 57 отсто, додека коалицијата Европски фронт поднесе законски измени кои се однесуваат исклучиво за целосно затворање на овој бизнис во селата и градовите и нивно селење во хотели со пет ѕвезди и затворени објекти недостапни за малолетници.

Претходно на 07.02.2024 година во Собранието беше изгласан Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Тогашниот претседател Стево Пендаровски, по спроведени консултации со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот заради злоупотреба на европското знаменце. Законот повторно се најде на дневен ред пред пратениците во Собранието на 14.03.2024 година, но не помина бидејќи за него гласаа 51 пратеник, а за негово усвојување требаше поддршка од 61 пратеник.

ВЛЕН како опозиција во тој период тврдеше дека со тој закон предложен од ДУИ, казината ќе можат да се најдат и во училишните дворови.

Членот 10 од овој предложен закон предвидува отстранување на обложувалниците, но не и казината на минимална оддалеченост на 500 метри од средните и основните училишта. Со законот предложен од Груби и ДУИ – лотарија, казина може да се најдат и во училишните дворови. Овој член намерно не ги вклучува казината. Така, преку овој закон ДУИ-лотарија, би им затворил прозор на некои обложувалници, но силно би им отворил врата на казината и он-лајн казината во ексклузивна соработка со српското подземје, рече Фари Хисени од ВЛЕН.

Според горенаведените факти, предизборното ветување на ВЛЕН за ограничување во индустријата за коцкање и игри на среќа, како и ревизија на сите сомнителни одлуки поврзани со казината и онлајн обложувањето во првите 100 дена од Владата, оценуваме дека реализацијата на ова ветување е во тек. Владината коалиција чиј член е ВЛЕН донесе одлука со која се укинуваат четири онлајн платформи за коцкање, но останува ветувањето за носење нов закон за игри на среќа и забавни игри, кој треба да содржи низа одредби со кои бројот на постоечките објекти за коцкање ќе се намали најмалку за половина.

 

Извори:

 

Оцени: Стојан Синадинов

Суета и политика – власта заборава каква била во опозиција

Премиерот Мицкоски е сигурно во право кога апелира до опозицијата на отстранување на суетите во политиката при носење јавни оценки за политиките на власта, но е недоследен во својот...