Ректорската управа на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска, по вонредната седница, испратила писмо до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и до министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, во кое се бара од Собранието да има пилот-проект за државниот испит.
„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како главен носител на високото образование во Република Македонија, ќе го поддржи секој предлог кој ќе доведе до подобрување на квалитетот на високото образование, базиран врз аналитички и јасни показатели за неговата целисходност. Во таа насока, Ректорската управа му предлага на Собранието на Република Македонија да интервенира во предложените законски решенија, односно да се пристапи кон одредени предлог-решенија за подобрување на квалитетот на високото образование по спроведување на темелни анализи и пилот-проекти“ стои во писмото на Ректорската управа.
Од Министерството за образование и наука велат дека предлогот понуден од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, за спроведување пилот-проект за државниот испит, пред неговото официјално воведување, е конструктивен и добар предлог, позитивно го оценуваат и го поддржуваат.