Фото: Арбнора Мемети

Од 14 до 17 часот денеска ќе биде блокирана крстосницата кај Шумарскиот факултет, поради протестот организиран од страна на сопственици на ресторани за организирани настани, претставници на фото-студија и музички бендови, кои бараат да им се овозможи да работат под посебни протоколи. Тие најавија протест и за понеделник и вторник следната седмица.

Перица Голомеиќ, сопственик на угостителски објект и еден од организаторите на протестот вчера за ТВ 21 рече дека нивниот сектор не е опфатен со петтиот пакет владини мерки.

„Од 26 јули ни е воведена забрана за вршење на нашата примарна дејност, забрана за крштевка, свадба, кооперативен настан. Поради тоа ќе ја блокираме крстосницата на булевар Александар Македонски во Автокоманда од 14 до 17 часот, со цел да испратиме апел до Владата да ни издаде протокол за работа. Првенствено да работиме. И да ни помогне финансиски, затоа што ние ги плаќаме нашите обврски и веќе не можеме да продолжиме со тој интензитет“, вели Голомеиќ.

На прашање колку помош добиле од државата и колкави се загубите, тој рече дека добиле парцијална помош за плати.

„Шест месеци државата, а пет месеци ние ги финансираме платите. Од тие причини ние излегуваме на протест, а излегуваат и од другите дејности како што сте музичари, фотографи, атељери за венчаница. Немаме делумна попреченост, ние сме 100% попречени, па загубите се огромни, неколку стотици илјади евра“, тврди Голомеиќ.