Угостителскиот сектор нема да ги користи меркиte од Владата, рече на денешната прес-конференција Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство во рамки на Туристичко- угостителската комора на Македонија.

Средствата, порача Ангеловски, Владата може да ги насочи директно кон сите кои остануваат без работа или во сектори каде што мислат дека ќе се постигне ефект. Тој информираше дека повеќе од 60 проценти од вработените во угостителскиот сектор се одјавени, а неофицијално таа бројка изнесува близу 15.000.

Угостителите сметаат дека од исклучителна важност е јавноста да знае дека сите мерки кои се моментално донесени и предложени, само ќе им ги зголемат долговите после кризата, за која не се знае кога ќе заврши.

„Се што ни е понудено во овој момент е во вид на заем од Владата и тоа недоволен само за нето-плата, ова никој од нас нема да може да го издржи. Наместо тоа, очекувавме директна, безусловна и правична помош од страна на институциите, но не ја добивме. Дополнително мерките, не ги опфаќаат сите погодени во угостителството и не е земено предвид дека ние не сме погоден сектор, туку со одлука затворен сектор. Се очекува од нас, како што слушаме секојдневно, да понесеме дел од товарот на кризата. Како да го направиме тоа кога сме затворени први, а ќе профункционираме последни, се работи за мали фирми кои немаат резерви. Исто така, месец март и покрај нашето барање е изоставен од мерките кој од почетокот на месецот март беше со намален обем а од првата половина целосно затворен,“ рече Ангеловски.

Угостителскиот сектор вработува над 29.000 лица, на минатата прес-конференција Групацијата на угостители ги презентираше конкретните мерки за ублажување на последиците од пандемијата и ја искажаа итноста со која треба да се делува, за да можат во овие услови да ги задржат вработените и заедно да го пребродат овој тежок период.