Угостителските објекти во периодот на полицискиот час од 20 часот навечер до 5 часот наутро можат да вршат достава на храна и пијалоци до граѓаните кои ќе го побараат тоа, но од Државниот пазарен инспекторат појаснуваат дека мора да се задоволат одредени критериуми.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски на денешната прес-конференција информираше дека доставата на храна и пијалоци може да се врши, но вработените лица за достава мора да имаат соодветна дозвола за движење за време на полицискиот час. Исто така, тој посочи дека работодавачите мора во Државниот инспекторат за труд да ги пријават нивните вработени лица за ноќна работа.
Пауновски објасни дека инспекторите само вршат контрола на спроведувањето на протоколите, а тие не учествуваат во носењето на тие протоколи.
Инаку, во пакетот на рестриктивни мерки што ги донесе владата, а кои стапуваат на сила од денес, угостителските објекти се затворени за посетители и тие може да вршат единствено достава на храна и пијалоци и нивна продажба на шалтер.
Обложувалниците смеат да работат само преку пулт. Рестриктивните мерки важат и за угостителските објекти кои се сместени во хотели, мотели и бензински станици, а единствен исклучок се рестораните во сместувачките капацитети во кои се сместени гости и угостителските објекти на двата аеродрома.