Намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти за храната во хотелите и во рестораните, стимулации во угостителството и во хотелиерството, иницираа претставниците на Здружението на угостителството и на туризмот при Стопанската комора на Македонија.
– Угостителите бараат начинот на кој се пресметува ДДВ на храната да претрпи корекции. Влезните елементи сега се пресметуваат со 5 отсто ДДВ, а излезниот данок е 18 проценти. Следниот период ќе направиме конкретни анализи и со факти за состојбата и за барањата ќе излеземе пред државните институции – изјавија за „Мета“ од Стопанската комора.
Според поранешната престедателка на Здружението, Снежана Јовановска, намалувањето на данокот од 18 на 5 отсто е нереално и би требало да биде на 12 отсто.
– Има голем број мерки кои државата во моментов ги презема во овој сектор. Субвенционира странски туристи и туристички оператори, прави маркетиншки активности и промоции во странство, го намали данокот на туристичките услуги и затоа сметам дека намалувањето од 18 на 5 отсто е нереално. За да му се помогне на овој сектор, потребно е да се престане со субвенционирање на туристите, туку еднократно да се субвенционираат туристичките оператори кои склучиле договор за промовирање на државата и за носење на странски туристи. Се одлеваат многу пари, расходите се големи, а приходите мали – смета Јовановска.
Здружението предлага и други мерки што ќе значат финансиско растоварување на хотелско-угостителскиот сектор и индиректен стимул за нови инвестиции и за модернизација на постојните капацитети.
Според Стратегијата за развој на туризмот до 2020 година, приходите од оваа стопанска гранка треба да изнесуваат 5 отсто од БДП.