fbpx

Угина повредената лисица што се продаваше за 2800 денари, активистите бараат одговорност

-

Активистите за права на животните од Анима Мунди бараат одговорност од надлежните институции затоа што не постапиле по дојавата дека во заробеништво се држи повредена лисица.

„Ние на 12ти овој месец добивме информација дека лице од Прилеп на оглас за 2800 денари продава лисица. На фотографијата се гледа дека животното е во ужасна состојба, измачувано, видно повредено и облеано во крв, изврзано со два метални ланци, а во неговите очи не може, а да не се види стрес и страв“ во изјава за Мета рекоа од Анима Мунди.

Активистите побарале помош од надлежните институции меѓу кои и Агенцијата за храна и ветеринарство надлежна за спроведување на Законот за заштита и благосостојба на животните и Министерството за внатрешни работи. Тие во сите пријави доставиле податоци за сторителот, адреса и телефонски број со надеж дека институциите бргу ќе се ангажираат со цел лисицата да се спаси.

Но, како што раскажаа од Анима Мунди, додека институциите си ги префрлале надлежностите лисицата угинала.

„Најбрз, но оскуден одговор добивме од Агенцијата за храна и ветеринарство каде што тамошниот инспекторат надлежен за ваков случај нè упати до останатите две институции без никаква намера да постапи по пријавата, иако инспекторатот при оваа институција има право и надлежност да изврши инспекциски надзор, да утврди дали пријавата е веродостојна и да покрене постапка за санкционирање на сторителот со дополнителна надлежност да ги извести сите останати релевантни институции за истите да покренат постапка“, рекоа активистите.

Тие, разочарани од обесхрабрувачкиот одговор кој го добиле подоцна во ноќта се обиделе да стапат во контакт со прилепската полициска станица, но залудно.

„Во Прилеп немате каде да се јавите ако итно ви е потребна полициска помош, затоа што телефонскиот број им е до ден денес недостапен“, изјавија од Анима Мунди.

„Утрото, за наше големо жалење и огромна штета за фауната на нашата држава, добивме информација дека лисицата е веќе мртва. Еден прекрасен и несреќен живот угинал мачејќи се во сопствената крв заради суровоста на еден човек и неспособноста на ова бирократизирано општество и нефункционални институции“, рекоа активистите.

На ваквата инертност на институциите, активистите ја припишуваат и недовербата и обесхрабреноста на граѓаните да преземат што било и да пријавуваат.

Редакцијата на Мета.мк стапи во контакт со продавачот кој на огласот е именуван како Монте Кристо. Тој ни потврди дека лисицата угинала и рече дека трупот е фрлен, но не ни кажа на која локација, обидувајќи се да ја отфрли одговорноста за судбината на лисицата од себе.

„Не знам каде е сега, угина лисицата и фрлена е некаде“, кусо и збунето одговори огласувачот.

Денес, од Анима Мунди побараа од Државниот управен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и другите надлежни институции да постапат според нивните надлежности согласно членовите од законот за благосостојба на животните.

Тие во пријавата го нагласуваат Член 67 според кој глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност следува за прекршок на правно лице, ако предизвикува болки, патење или повреди, сурово и нехумано се однесува кон животните и ги убива спротивно со одредбите од овој закон, а за физичко лице глобата изнесува од 600 до 900 евра во денарска противвредност.

Дополнително бидејќи лисица чувана во урбана средина, а и труп од угината лисица може да претставува закана од ширење на заразната болест беснило, активистите потсетуваат и на Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2021 година.

„Пронајдени угинати лисици, волци, мечки, шакали, јазовци или сомнителни на присуство на болест (кои покажуваат симптоми на болест, заловени во близина на населени места, прегазени од возила и др. треба да бидат пријавени до ветеринарно друштво или надлежниот официјален ветеринар“, се вели во оваа наредба.

Според правилникот за начинот и постапката за пријавување на беснило кај домашни и диви животни и мерки кои треба да се преземат за сузбивање и искоренување на беснилото секое животно кое е заболено, контаминирано или за кое постои сомнеж дека е заболено или контаминирано со вирусот на беснило, вклучително и секое животно кое каснало човек, треба веднаш да се пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во пријавата, активистите бараат и да се покрене постапка и да се истражи случајот, од која причина инспекторатот не постапил по нивната пријава иако е јасно според горенаведените членови дека е надлежен за мачење и малтретирање на животни, сега и убивање како и загрозување на јавното здравје.

Мета.мк на неколку наврати пишува дека правата на дивите животните се загарантирани и со Законот за заштита на природата, каде се предвидува заштита на биолошката разновидност која ја сочинуваат и дивите животни. Поразителен е фактот што до сега ниту еден случај на труење на диво животно во земјава не завршил со казнување на сторителот. А, не е изречена ниту казна ако животното е заштитено или во опасност од исчезнување. Исто така истрагите за шверц на диви животни немаат епилог.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...