Во Зоолошката градина – Скопје денеска на нивниот профил на Фејсбук информираа дека угинатала женка, мајмунка од видот сијаманг. Точните причини за смртта во овој момент не се познати.

„Причините ќе ги објавиме веднаш штом ги добиеме официјалните резултати од обдукцијата. Ги демантираме шпекулациите дека женката била бремена во моментот на угинување“, пишува на Фејсбук.

Животните од скопската зоолошка, како што уверуваат во Зоолошката, добивале ветеринарен третман веднаш штом се појави било каков прв симптом или аларм дека можеби се болни или имаат некаква повреда.

„Нивната благосостојба постојано будно се следи од страна на вработените во Скопје ЗОО, а благодарение на Факултетот за ветеринарна медицина имаме пристап до најсовремено лекување, дијагностицирање и третман на животни. За жал, како и кај луѓето, така и кај животните, не секогаш може да се избориме со некои заболувања, иако се преземени сите можни здравствени мерки“, наведено е во информацијата.