Штипскиот универзитет понуди бесплатна прва учебна година по македонски јазик и книжевност за сите нови студенти

Кампус 4, Универзитет „Гоце Делчев“- Штип / преземено од: http://3d.ugd.edu.mk

Сите новозапишани студенти на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во учебната 2020/2021 година ќе студираат бесплатно, информираат од Филолошкиот факултет.

„Во насока на мотивирање на идните студенти, Филолошкиот факултет при УГД Штип одлучи со сопствени средства да го финансира студирањето во првата учебна година. Ќе се види колкава е бројката на новозапишани студенти на ниво на факултет и не се исклучува можноста да се стипендираат студентите и на другите катедри“, изјави за „Мета.мк“ Мишко Џидров, проректор за настава и студенти при УГД Штип.

Тој вели дека досега истиот факултет организирал и конкурс за најдобар есеј и најдобар книжевен превод, со кои се доделиле ваучери за покривање на партиципацијата за првата година од студиите на кој било факултет при УГД.

„Предвидените средства за овие активности се од сопствени средства од работењето на Институтот за јазици при Филолошкиот факултет“, додава Џидров.

Во тек е подготовката на овогодишниот конкурс за упис на студенти, кој ќе покаже колку слободни места ќе има за запишување на сите катедри на Филолошкиот факултет при УГД Штип.