Полицајците што забележале како четири луѓе го симнуваат македонското знаме од јарболот во центарот на Куманово, на улицата Гоце Делчев, и го поставуваат албанското знаме, при интервенцијата биле удирани и добиле телесни повреди.

Потоа двајца од тие што го симнале знамето и ги нападнале полицајците избегале, а двајцата уапсени за кои претходно информираше МВР, се приведени.

Според соопштението до медиумите што ги испрати МВР, полицајци од СВР Куманово „во 15.55 часот забележале лица како го симнуваат државното знаме на Република Македонија од јарболот лоциран на улицата Гоце Делчев и поставуваат знаме на Република Албанија“.

При обид да ги легитимираат, соопшти МВР, полицајците биле нападнати и спречени во вршење на дожноста, при што добиле и телесни повреди. Потоа двајца од вклучените во инцидентот избегале, а Л.С. (16) и Љ.К. (21), двајцата од Слупчане, се приведени во полициската станица во СВР Куманово.

За настанот е запознаен јавен обвинител по чие овластување од страна на увидна екипа од СВР Куманово е извршен увид на местото на настанот. СВР Куманово информира дека презема мерки за расчистување на настанот.

Инцидентот го осудија и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.