Почетокот на второто полугодие во основните и средните училишта, подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“ во битолското село Лажец го дочека со истата ужасна слика – објектот е руиниран, а покривот само што не паднал, известува „Порталб“.

Во училиштето во селото на околу километар и пол од грчката граница, во кое живеат и Македонци и Албанци,  учат 20 ученици. Граѓанското здружение „22 Ноември“ од Битола алармираше за условите во училиштето, барајќи донации, бидејќи, како што вели, надлежните институции не покажале интерес за реновирање на објектот.

– Училиштето во битолското село Лажица е во средновековни услови. Во селото живеат околу 200 жители, а училиштето има 20 ученици, тоа е мултиетничко училиште, бидејќи жителите се етнички Албанци и Македонци, но бројот на Албанците е доминантен. Училиштето е во мизерна состојба, и неопходно е да се реновира покривот на објектот бидејќи постои опасност да пропадне и да се случи некоја трагедија. Сега наскоро завршува одморот за учениците, а тие ќе се вратат во истите услови во ова училиште – изјави за „Порталб“, Сибел Алимовска, директорка на здружението.

Не е само покривот проблем, бидејќи во многу лоша состојба е речиси сè во објектот, а недостигаат и клупи и столчиња.

– И внатрешноста на ова училиште е исто така во лоша состојба. Тоалетите се скандалозни, фасадата е речиси целосно оштетена, дури и во Авганистан условите се подобри отколку во ова училиште. Недостигаат клупи и столчиња, нема интерактивни табли, што значи дека сè уште функционираат како во прастари времиња. И подот е во многу лоша состојба. Состојбата е слична во речиси сите училишта во битолските села. Јас уште од 2017 година го кренав гласот за ваквата состојба, но никој не е заинтересиран за овој проблем. Апелирав многу пати, но до ден-денес немам видено дека е реализирана некоја посета од страна на Министерството за образование, или пак некој друг да ја погледне оваа состојба – истакна Алимовска.

Таа вели дека разговарала со градоначалничката на Општина Битола, која ѝ кажала дека општината нема средства за санирање на училиштето.

– Градоначалничката ме информираше дека нема доволно средства во моментов бидејќи имале ребаланс на буџетот, а сите училишта во општината, особено албанските, биле запоставени од претходната гарнитура што ја водела оваа општина, па има минимален буџет, што не може да го вложи во сите училишта. Приоритет за општината, моментално, е основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола, бидејќи тоа е еминентно училиште со вековна традиција – објаснува Алимовска.

Од Министерството за образование и наука (МОН) за „Порталб“ велат дека немаат сознанија за условите во ова училиште, бидејќи ниту општината, ниту раководството на училиштето, не го информирале министерството за оваа состојба.

Од друга страна пак, Алимовска вели дека државните институции му го свртеле грбот на албанското образование во Битола и дека се бараат хумани луѓе за да помогнат за подобрување на условите за децата кои посетуваат настава во ова училиште.

– Упативме апели за донации за да се соберат средства за реновирање на училиштето, бидејќи е опасно да се изведува настава во такви услови. Се надевам дека има хумани луѓе, бидејќи политичарите ни го имаат свртено грбот, па верувам дека народот, како и досега, нема да ни го сврти грбот – вели Алимовска.

Секој родител кој има поплаки за нерегуларности во основните училишта на Македонија може да го пријави случајот во МОН, на раководителот на секторот за основно образование Елена Ивановска, на телефонскиот број 02/3117-896 и на мејлот elena.ivanovska@mon.gov.mk.

Ваков случај како со училиштето во битолското село Лажец може да се пријави и Секторот за стандарди на учениците и студентите, каде одговорни лица се Ќенан Сали и Џемиле Идризи, кои може да се добијат на  телефонскиот број 02/3117-896, а Сали или да им се пише на   qenan.sali@mon.gov.mk.