fbpx

Училиштето ќе треба да им обезбеди материјали за учење на децата што немаат компјутери

-

Пандемијата ни наметна нови правила на кои мора да се прилагодиме сите. Ова бара заштита на јавното здравје, но и учење во исто време. Понудивме комбиниран систем на настава, а за успешна реализација, се работи и онлајн платформа која скоро ќе биде презентирана, рече на денешната прес-конференција новата министерка за образование Мила Царовска, на која зборуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

– Со физичко присуство ќе може да се започне секаде каде просторните услови на училиштето го дозволуваат тоа, а тоа секако ќе зависи и од епидемиолошката состојба во конкретното населено место. За децата од прво до трето одделение, училиштето мора да организира учење на далечина на тие ученици чии родители се изјасниле дека ќе следат настава од дома. Наставникот, додека го држи часот може да ги вклучи во истиот и оние деца кои се дома, во исто време. Или може да го сними часот и да го испрати на оние кои учат од дома. Или да одржи час само за учениците кои следат настава од далечина. Часот ќе трае 30 минути, а во средното образование 35 минути – изјави министерката Царовска.

Таа објасни дека малиот одмор ќе трае пет минути, аголемиот одмор 15 минути. За проверка на знаењата на учениците, Бирото за развој на образованието во моментов прави план и начин на кој тоа ќе се спроведе.

– За таа цел, учениците ќе треба да се присутни во училиштето. Исклучок се наставниците со хронични болести, кои ќе треба да поднесат барање од директорот за држење настава од нивниот дом. Ако училиштето нема добра интернет конекција, може да се држи настава од дома. За децата што немаат уреди, училиштето организира настава со физичко присуство. Сепак, ако родителот не се согласува детето да му оди на училиште, во таков случај училиштето прави печатени материјали кои ги преземаат родителите – појасни министерката Царовска.

Децата со хронични болести ќе учат од дома. Наставата за средношколците ќе се одвива и со физичко присуство и со учење на далечина. Средните училишта, покрај редовната настава, имаат и стручна настава за што се овозможуваат посебни протоколи во училиштата и компаниите.

– Со посветена работа и заеднички напори, ќе имаме успешна година која ќе стартува на 1 октомври. Колку од учениците во основно и во средно образование ќе започнат да учат онлајн и колку од нив ќе учат со физичко присуство, ќе знаеме дури по 15 септември – додаде министерката и информира дека во прво одделение запишани се 20.796 ученици, а 16.308 ученици се запишани во прва година средно.

Министерот Филипче кажа дека во однос на почетокот на учебната година и реализација на наставата со физичко присуство, препораката на Комисијата за заразни болести е во контекст на максимална претпазливост и превенција од ширење на епидемијата.

– Ги гледавме и и искуствата на другите земји. Во Израел и во Германија, после наглото отворање на училиштата властите ги затворија зашто се случи голема трансмисија на вирусот – рече тој.

Наставата за децата со физичко присуство планирано е да се одвива согласно строго утврдени протоколи. Протоколите за основно и за средно образование се речиси идентични.

– Родителите не смеат да влегуваат во училиштето, освен родителите на децата со посебни образовни потреби, со носење на маска. Учениците кои доаѓаат со организиран превоз им се мери температура и се врши дезинфекција на раце и обувки. Тие кои имаат температура, се враќаат дома. Вработените ја почитуваат мерката за 1,5 метар и маска, освен кога се на отворено во двор. На сите нив им се мери температура, како и на учениците. Наставата се изведува со најмногу 20 ученици и растојание од 1,5 метар. Настава може да се изведува и надвор кога условите го дозволуваат тоа. Забранета е кабинетска настава заради промената на училниците. Се носи оброк од дома или училиштето, соодветно спакуван или како готов производ. Јадат во училницата. Не е дозволено влегување на други лица кога се децата во училниците. Во средните улилишта, заради праксата се прави распоред за користење на училиштата, согласно протоколот за безбедност. Сите ги почитуваат протоколите на компаниите. Протоколите даваат резултатите ако се почитуваат и се придржуваат до нив – рече Филипче.

Тој побара сериозен пристап од училиштниот менаџмент бидејќи не смее да се дозволи ескалација на болеста.

– Родителите да разговараат со своите деца за важноста на почитувањето на овие правила. Јас разбирам дека средношколците сакаат да одат на настава и тоа е одлично, но верувајте, овој модел нè штити и вас и нас и вашите роднини. Ова е нужност и во интерес на здравјето на сите – истакна министерот.

Во периодот од 24 до 30 август, направени се 9.944 тестови за корона вирус, а регистрирани се 666 нови случаи во 29 градови. Ова е намалување од 20,6 отсто за разлика од претходната недела. Хоспитализиран е 71 пациент, што е намалување за 40 отсто споредено со минатата недела. Ова, за Филипче прави состојбата да е стабилна.

– Ова намалување ни е важно во однос на менаџирањето на болничките капацитети – рече тој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...