Училиштето „Григор Прличев“ домаќин на книжевната манифестација „Есен во Гази Баба“ 

Фото: Мета.мк
Основното училиште „Григор Прличев“ во скопската населба Железара, денеска беше домаќин на осмата по ред книжевна манифестација „Есен во Гази Баба“. На пригоден настан, учениците од неколку училишта од оваа општина ги прочитаа своите творби пред присутните родители и вработени во училиштето, а добија и награди за нивните пишани дела. Свој настап имаа и учениците кои членуваат во училишниот хор.
Директорката Александра Петковска Анастасов во своето обраќање кажа дека се надева дека некои од учениците во иднина ќе бидат познати писатели.
„Паузата од две години поради состојбата со ковид не беше пауза и од пишување. И во тој период учениците активно учествуваа на онлајн манифестацијата. Секоја година на конкурсот пристигнуваат голем број есеи, што докажува дека нашата општина има талентирани ученици“, рече Петковска Анастасов.
Пред присутните се обрати и професорот од Педагошкиот факултет, проф. д-р Мито Спасовски, а свое обраќање имаше и градоначалникот на општината, Бобан Стефковски. Иницијатор на оваа книжевна манифестација е познатиот писател на литература за деца и млади, Горјан Петревски.