Училишен одбор во Калифорнија си поднесе оставка откако видео од нивниот состанок стана вирално

фото: од објавеното видео од состанокот на Јутјуб

Сите членови на Управниот одбор на основните училишта во округот Оукли, Калифорнија, си поднеле оставки откако случајно биле фатени како им се потсмеваат на родителите на учениците за време на состанок преку една од платформите за видео конференција, пренесе Си-ен-ен.

Разговорот зачинет со вулгарности и навреди кон родителите можел да го слушне секој, бидејќи поради невнимание на креаторите на состанокот, наместо да биде приватен, истиот бил отворен за сите, па припадници на заедницата на округот каде што се наоѓаат засегнатите училишта веќе се најавиле за да го проследат состанокот.

Пред да започне состанокот, членовите на Управниот одбор зборувале за постови кои родителите ги објавувале на социјалните мрежи и во кој го критикувале тековното затворање на училиштата во тој дел од САД поради пандемијата со ковид-19.

„За жал тие нè критикуваат затоа што ги сакаат нивните дадилки назад“, рекла една од членовите на училишниот одбор, укажувајќи дека родителите ги сметаат наставниците за дадилки.

Друг член на училишниот одбор се пошегувал дека родителите сакаат нивните деца да се вратат во училиште за тие да можат дома да користат марихуана.

Трета членка, не сфаќајки дека преносот од состанокот може да го види секој, упатила навреди кон еден од родителите што претходно ја критикувал затоа што присуствувала на забава, на што другите пристуни на состанокот почнале да се смеат.

На видеото од состанокот објавено на социјалните мрежи е снимен и моментот кога од одборот сфаќаат дека не се сами и дека ги гледаат родители и ученици, по што состанокот се затворил.

По шокот и разочарувањето што родителите на учениците го доживеале, членови на округот Оукли покренале петиција со барање за оставка на училишниот одбор, која за неколку дена собрала 7.000 потписи. Градоначалничката на округот исто така побарала оставки.

По реакциите и критиките, претседателот на  училишниот одбор преку писмо испратено до семејствата на учениците соопштил дека тој и другите членовите на одборот се повлекуваат за да го ублажат непријатниот случај.

„Длабоко жалиме за коментарите дадени на состанокот на Одборот за образование претходно неделава. Како доверители, сфаќаме дека е наша одговорност да се однесуваме онака како што очекуваме од нашите ученици и вработени, и наша обврска е да изградиме доверба во раководството на округот. Нашите коментари ве разoчараа во секој поглед и за ова го нудиме нашето најискрено извинување“, стоело во писмото.