Иако Македонија неодамна го направи историскиот чекор со изборот на првата жена-претседател, родовата еднаквост во политичкото одлучување сè уште останува далеку од европските стандарди, покажува анализата на Алијансата за родова еднаквост на работното место. Според анализата жените продолжуваат да бидат маргинализирани, особено на извршните и локалните нивоа.
На првите парламентарни избори во Македонија во периодот од 1990 до 2001 година, застапеноста на жените во парламентот изнесувала помеѓу 3,3 и 7,5 отсто. Овој предизвик бил решаван преку низа законски измени. Со Законот за избор на пратеници од 2002 година, била воведена квота која гарантира најмалку 30 отсто застапеност на помалку претставениот пол на кандидатските листи.
Подоцна, со измените на Изборниот законик во 2006 година, било предвидено дека во секоја поднесена кандидатска листа за пратеници, најмалку едно од секои три места треба да му припаѓа на помалку застапениот пол. Овој механизам значително придонесе за зголемувањето на бројот на жени во законодавното тело, особено по 2002 година, кога застапеноста скокна од 6.7 на 17.5 отсто, а потоа и на над 30 отсто во наредните години. Во 2014 година, законот бил дополнително унапреден со одредба според која, доколку избрана пратеничка го прекине својот мандат, нејзиното место го зазема следната жена од листата.
Во 2015 година, квотата за застапеност на жените во кандидатските листи била зголемена на 40 отсто, односно најмалку 40 отсто од кандидатите на изборните листи да бидат жени со што се направил уште еден чекор кон унапредување на родовата еднаквост во политичката сфера.
Сепак, според анализата, и покрај овие квоти, забележливо е дека нивната имплементација не секогаш гарантира ефективно учество на жените во носењето одлуки. Иако на изборните листи има номинирани жени, честопати тие се поставени на позиции со помала веројатност за избор, што ја ограничува нивната реална застапеност.
Во извршната власт, жените традиционално заземаат помалку министерски позиции. Во периодот 2017–2022 година, нивната застапеност достигнала најмногу 16,7 осто, односно четири министерки во владата. Состојбата е уште поалармантна на локално ниво. На локалните избори во 2021 година, од вкупниот број градоначалници, само две биле жени. Претходно, во 2017 година биле избрани шест, додека во 2009 година немало ниту една жена градоначалничка.
„Иако квантитетот на жените на изборните листи е зголемен со квотите, нивното поставување на неелектабилни позиции и структурните бариери и понатаму го ограничуваат нивното влијание во политиката“, предупредуваат од GEA.
Тие нагласуваат дека покрај квотите, неопходни се дополнителни мерки кои ќе овозможат жените да имаат еднаков глас во креирањето на политиките.
