Учесниците на шестата по ред Школа за млади лидери, која се одржува во Охрид, под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов, викендов се во посета на Општина Пустец, во Република Албанија.

Во централното населено место и седиште на општината, селото Пустец, се сретнаа со градоначалникот на единствената македонска општина во Албанија, Едмонд Темелко, со членови на Советот и на администрацијата на општината.

Пред младите лидери беше претставена работата на општината, предизвиците со коишто оваа локална самоуправа се соочува во својата работа, предностите и недостатоците, но и потенцијалот со којшто располага.

По одржаните презентација, младите лидери, преку практична работилница, заедно со своите ментори, ќе предложат одржливи решенија за претставените проблеми, а предлог-проектите ќе бидат доставени до општина Пустец.