Учениците Македонци од тетовската гимназија почнаа да учат под ведро небо

-

По речиси еден месец бојкот, учениците Македонци од тетовската гимназија почнаа да следат настава. Но, наместо на училишните клупи, тие учеа стоечки, на отворено, на градскиот плоштад во Тетово.

– Свесни дека бојкотот на наставата најмногу им штети на учениците, а немајќи соодветен простор во кој би ја следеле наставата во нормални и достоинствени услови, принудени сме наставата да ја организираме под ведро небо, пред просториите на Секторот за образование на градскиот плоштад. Се надеваме дека надлежните конечно ќе нè видат и ќе нè слушнат и заеднички ќе го решат проблемот – изјави професор Дејан Ѓурчиновски од советот на професори при гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

Учениците Македонци од тетовската гимназија изминативе неколку години следеа настава во несоодветни услови во зградата на Работничкот универзитет и во основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово.

Револтирани поради ваквата состојба, оваа учебна година тие ја почнаа со протестен марш низ тетовските улици. По протестот беше донесена одлука децата привремено да учат во централниот објект на гимназијата.

Оваа одлука за неколку дена беше промената, со образложение дека е незаконска и дека раководството на гимназијата не може сите ученици да ги распореди да учат во еден објект.

Наставата на градскиот плоштад во Тетово ќе продолжи сè додека, како што велат од советот на професори, не се најде решение за просторниот проблем.

Контраспин: Укинувањето на балансерот никако не може да биде тежок удар врз Уставот

Правната одлука за т.н. балансер, во насока на усогласеност на правните акти на државата со Уставот, може да биде само поттик на принципот на еднаквост во мултиетничко општество, бидејќи...