Ученици од две паралелки од средното стручно училиште „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп, и годинава ќе бидат вклучени во проектот „дуално образование“ по германски терк. Учениците од две струки: техничари за индустриска мехатроника и за производно машинство, покрај редовната настава, ќе извршуваат и практична настава во прилепските компании: „Витаминка“, Гентерм“ и „ВИК“.
„Оваа учебна година за профилот техничар за индустриска мехатроника има осум ученици, а тројца за техничар за производно машинство. Годинава започнува и втората година од дуалното образование за други 18 ученици од двата профила, кои што од минатата година следат и практична настава во прилепските компании“, вели директорката на ССУ „Ристе Ристески-Ричко“, Билјана Трајкоска изразувајќи го задоволството што училиштето е дел од еден поголем државен проект.
Проектот е во организација на Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија, поддржан од Министерството за образование, Центарот за средно стручно образование и обука и Бирото за развој на образованието.
„Иницијативата за спроведување на дуално стручно образование доаѓа од компаниите. Наша задача во оваа програма е да ја управуваме и да ја насочуваме таа соработка меѓу компаниите и училиштата, како дел од јавниот сектор и секако, Министерството за образование и наука. А, образованието да биде признато на ниво на цела држава. Компаниите многу инвестираат во дуалното образование, исто така и во работна сила, во персонал. Во нивни интерес е да им понудат добри услови за работа на кандидатите, со цел да ги задржат учениците кои кај нив се обучувале“, изјави Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.
Претставници на Делегацијата на учениците од Прилеп им подарија ранци со училишен прибор во знак на успешен почеток на учебната година. Учениците што се дел од проектот ќе добиваат и месечен надоместок од компаниите каде што ќе ја обавуваат практичната обука.
Овие ученици, покрај државна матура, ќе полагаат и интерен испит, подготвен од компаниите. Целта е да се поттикнат и развијат стручните вештини кај учениците, но и тие полесно да се вклопат во производствените процеси.
Во проектот „дуално образование“ годинава се вклучени седум средни стручни училишта од седум градови во државата.