Ученици и родители побараа нова паралелка наместо приемен испит во средното медицинско училиште

Извор на фотографија: Радио МОФ

Група родителите и ученици утрово протестираа пред средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје каде требаше да се одржат квалификацистите испити за прием во прва година средно образование.

Нивната реакција доаѓа по објавата дека нема да има приемен испит во скопската гимназија „Орце Николов“ туку со одобрување на Министерството за образование и наука, ќе се отвори нова билингвална паралелка. Тие бараат да нема квалификационо тестирање, туку и во ова училиште да се отвори паралелка, така што ќе се примат сите пријавени ученици.

Квалификациските испити по предметите биологија и хемија беа најавени за насоката медицинска сестра во три училишта: „Панче Караѓозов“ во Скопје, за настава на албански јазик, „Димитар Влахов“ во Струмица и „Ѓорче Петров“ во Прилеп.

Според конкурсот, во скопското медицинско училиште има место за 102 ученика во три паралелки, но се пријавиле над 160 ученици, сите со просек 5.00.

По најавата дека во средните училишта во кои ќе има повеќе заинтересирани ученици од слободни места во прва година ќе биде спроведено квалификационо тестирање, реагираше и Младинскиот образовен форум. Оттаму изразија загриженост околу целиот процес на тестирањето во услови на сериозна здравствена криза, како и временската рамка која им беше дадена на учениците за подготовка за испитите.