Учениците Златев, Дрмач и Тасевска добитници на награди за најталентирани музичари

Фото: ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“

Во Музејот на македонската национална борба вчера се одржа спектакуларен новогодишен концерт на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“. На овој свечен настан, Фондацијата „Луј“ додели награди на најталентираните ученици за 2021/2022 година, одбрани по пат на конкурс, со комисија од истакнати наставници кои предаваат во овој музички центар. Наградите, кои се состојат од финансиски надомест и плакета ги добија двајца ученици од вокално-инструменталниот оддел и еден ученик од балетски оддел.

Се работи за Гоце Златев-пијано, од класата на проф. Славица Мицовска Смилевска, Магдалена Дрмач-виолончело, од класата на проф. Александра Јаневска и Сара Тасевска-модерен балет, од класата на проф. Елена Антонова Петровиќ.

Како што инфорираат од Центарот, на концертот настапиле најталентираните ученици од Центарот, кои ја воодушевиле многубројната публика со своите изведби и изборот на програма. На крајот, концертот завршил со сензационален настап на училишниот оркестар под диригентската палка на маестро Ле Фи Фи и звуците на „Радецки Марш” од Јохан Штраус, што предизвикало еуфорија од позитивни чувства и радост, во најава на новогодишните празници.