Учениците во „Никола Карев“ во Пробиштип учат со компјутери, таблети, смарт телевизори и смарт табли

Фото: ОУ Никола Карев, Пробиштип

Пандемијата на ковид-19 укажа на повеќе недостатоци на нашиот воспитно-образовен систем кога станува збор за опремување со ИТ уреди, па директорите на училиштата во земјава беа принудени да се „снаоѓаат“ и приспособат на новиот начин на функционирање. Така, најчесто преку донации беа набавувани уреди за да можат учениците да ги следат часовите на далечина, но и да ги имаат потребните современи услови за учење во училниците. Некој повеќе, а некој помалку успеа да го изменаџира тој процес, а целта беше да се сведе на минимум бројот на ученици во државата кои ќе немаат уред и пристап до Интернет.

Во училиштето „Никола Карев“ во Пробиштип учат околу 400 основци, кои седат во клупа по еден. Новите потреби за организација и реализација на наставата и кај наставниците и кај учениците, ги натерале оние во раководството уште повеќе да ги подобрат условите за работа. Директорката Атинка Барљамова Стојчевска, за „Мета“ вели дека училиштето кое работи веќе 35 години, денеска е модерно и современо училиште.

Фото: ОУ Никола Карев, Пробиштип

„Со самата пандемија произлегоа нови потреби за организација и реализација на наставата и кај наставниците и кај учениците, па најпрво обезбедивме персонални компјутери за сите наставници во училиштето, а се инсталираше и оптички интернет во цело училиште“, вели директорката Барљамова Стојчевска.

Таа додава дека се набавени и образовни помагала во вредност од еден милион денари, односно таблети за сите ученици од четврто одделение.

Атинка Барљамова Стојчевска | Фото: ОУ Никола Карев, Пробиштип

„Учениците од прво и четврто одделение кои учат по новата Концепција, имаат интерактивни табли, а освен тоа имаме и смарт телевизори за училниците од прво до петто одделение и за кабинетот по музичко“, додава таа.

Серафимова смета дека во услови на длабоки промени во општественото уредување и техничко-технолошкиот развој, дел од училиштата во земјава не се снаоѓаат соодветно.

„Наместо да се прилагодат на новото време и барања, тие се обидуваат да го спречат текот на промените, жалејќи за „старите времиња“. Се јавува потреба од стекнување на нови знаења и вештини, а тоа, пак, од своја страна наметнува потреба од користење на современа образовна технологија“, вели директорката.

Според неа, сето ова бара нова организациска поставеност на училиштата која што поставува нови поинакви барања пред директорите, кои добиваат поинаква улога од досегашната.

Фото: ОУ Никола Карев, Пробиштип

„Наместо досегашната функција на педагошки раководител и администратор, директорот добива поголема општествена одговорност како водач кој ги креира, промовира и реализира промените во училиштето“, смета директорката.

Според нејзе, директорот треба да се грижи повеќе отколку што мислат другите дека е паметно, да ризикува повеќе отколку што мислат другите дека е безбедно, да сонува повеќе отколку што мислат другите дека е практично и пред сè да очекува повеќе отколку што мислат другите дека е возможно.

Фото: ОУ Никола Карев, Пробиштип

„Во училиштето сум вработена од 2006 година, по професија сум педагог. Самиот факт што произлегувам од овој колектив, самата професија која е толку поврзана со наставата и потребите на учениците и наставниците, и фактот што моето основно образование го завршив токму во ова училиште претставува вистински предизвик и мотив за мојата работа и желбата за подобри услови во училиштето“, децидна е Атинка Барљамова Стојчевска.

Таа смета дека директор на училиште не смее да си дозволи опуштање или попуштање. Потребно е да поминува многу часови на работа, а покрај тоа и во останатото време тој треба да биде подготвен постојано да одговори на повик.

Инаку минатата година, Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, спроведе истражување за состојбите и предизвиците во онлајн наставата, кое покажа дека главниот проблем е недостигот на техничка опрема, пред сè лаптопи и компјутери.

Во истражувањето околу 44,5 отсто од учесниците изјавиле дека во училиштето за службени потреби, користат сопствен лаптоп.

Наставниот кадар, во најголемиот број случаи (84,9 отсто), за службена комуникација користел приватни имејл адреси, што е проблематично од повеќе аспекти, посебно од аспект на заштитата на личните податоци на учениците, кои во текот на основното образование се малолетни лица.

Истражувањето покажа дека речиси една третина од наставниот кадар (31,6 отсто) интернет на училиште има само на својот мобилен телефон.

Голем број наставнички и наставници во наставниот процес реализиран онлајн се соочиле со предизвици од административна природа, како што е недостигот на јасни насоки за водење електронско портфолио (82,4 проценти) и, особено, јасни насоки за процесот на оценување (85 проценти).

Во врска со учебниците и другите образовни ресурси, речиси сите учесници (93,9 отсто) се согласуваат дека за успешна онлајн настава е потребно целосно или делумно адаптирање на учебниците.