Учениците и денеска немаат настава, штрајкувачите одбија зголемување на платата за 2.500 денари

ОУ Ѓорѓија Пулевски | Фото: Мета.мк 13.04.2022 г.

Синдикатот за образование, наука и култура одлучи да го продолжи штрајкот во дејноста образование и детска заштита откако не ја прифатија понудата на Владата да им се зголемат платите на наставниците и воспитувачите за 10 отсто. Мнозинството ученици во државата, шести ден по ред не се на настава, а по последната одлука за продолжување на штрајкот реагираа од Владата, но и министерката за труд и социјална политика.

„Владата во преговорите со СОНК понуди зголемување за 10 отсто на платите кои ќе се обезбедат со ребалансот на буџетот. Тоа значи дека наставниците и воспитувачите би добиле просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања. И методологијата со која Владата ќе обезбеди континуиран раст на платите, ќе обезбеди трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образованието“, стои во соопштението од Владата.

Оттаму потенцираат дека Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 отсто.

„Со ова зголемување платата на наставник/наставничка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786 денари. На наставник/наставничка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874 денари. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари“, тврдат оттаму.

Министерката Јованка Тренчевска, во објава на Фејсбук ги повика воспитувачите и негувателите да го нормализираат воспитно-згрижувачкиот процес и да ги прифаќаат децата во градинките, бидејќи, како што вели, секој изгубен час и ден од наставата оди на директна штета на раниот детски развој, кој е основата за понатамошен развој на секоја индивидуа.

„Како Влада и министерство кое води грижа не само за детскиот развој, туку и за унапредувањето на воспитно-згрижувачкиот кадар, имаме цврста определба да го продолжиме социјалниот дијалог од кој очекуваме да произлезат системски решенија кои одат во прилог на сите. И претходно докажавме дека имаме слух за барањата на воспитно-згрижувачкиот кадар во градинките и дека не бегаат од решенија со кои се унапредува нивниот економско-социјален статус“, стои во објавата на Тренчевска.

Платите на вработените во градинките се покачени за 21 отсто во последните четири години, што е историски најголем раст, вели таа.

„Социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија. Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Верувам дека интересот на децата ќе биде ставен на прво место. Градинките ќе ги отворат вратите, а преку силен постојан партнерски дијалог кој го продолжуваме со Синдикатот ќе изнајдеме модел со кој се обезбедува и гарантира постојан раст на платите за вработените во градинките“, смета Тренчевска.

Неодамна и министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека учениците неопходно е да се вратат на настава, а исто така, дека враќањето на децата во училиштните клупи е во нивен најдобар интерес, истакна и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

УНИЦЕФ: Тоа што нема настава ја продлабочува образовната криза