Ученици со просек 5,00 кои се пријавиле за упис во училиштата „Георги Димитров“ (гимназиско образование), „Д-р Панче Караѓозов“ (медицинска сестра и забен техничар на албански наставен јазик), како и во училиштето „Гостивар“ во Гостивар (медицинска сестра на албански наставен јазик), денеска полагаа квалификациско тестирање. Оваа селекција се прави бидејќи за конкретните образовни профили се пријавиле повеќе ученици со просек 5,00 споредено со бројот на слободни места.
„Конечните ранг листи со резултатите за учениците кои ќе полагаат квалификациско тестирање ќе се објават во текот на денот“, информираа во Министерството за образование и наука (МОН).
Првото пријавување на учениците се реализираше преку електронско аплицирање од 14 до 17 јуни и доставување на потребната документација од 18 јуни до 19 јуни. Ранг листи беа објавени на 20 јуни.
Во првото пријавување вкупно се пријавиле 16.601 ученици. Интересен е податокот дека (според видот на образованието) во првото пријавување запишани се вкупно: 4.243 ученици во гимназиско образование и дури 9.469 ученици во стручно образование, што го потврдува трендот во последните години, на зголемен интерес за стручните образовни профили, наспроти гимназиите.
Второто пријавување на учениците ќе се врши електронски на 30 јуни. Доставувањето на потребената документација до училиштата ќе се врши на 1 јули.
Мета пред неколку дена го опиша процесот на аплицирање за упис во средно училиште. За да се пријавите за упис, потребно е да одите на е-uslugi.mon.gov.mk, па со корисничко име и лозинка на schools.mk (кои ги има секој деветтоодделенец), да се логирате на вашиот профил. За да аплицирате, потребно е да внесете лични податоци, а потоа, секоја оценка по секој предмет, впишана во секое свидетелство од 6 до 9 одделение, рачно да ја внесете во апликацијата.
Ова е четврта година по ред уписите во средно образование во Македонија да организираат електронски.