Ученици со предлог за користење на дигитална платформа целат кон поголемо младинско вмрежување

Фото: Македонски центар за граѓанско образование

Денеска во просториите на Јавна Соба се одржа средба на која учениците кои се дел од Центарот за фузија на идеи, неформална младинска група, ја презентираа нивната идеја за ученичко вмрежување на национално ниво пред претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука.

Станува збор за група високо-мотивирани ученици, членови на училишни собранија кои во текот на првото полугодие од учебната 2021/2022 година заедно одржуваа состаноци и учествуваа во развивање на заедничка идеја за решавање на предизвиците со кои се соочуваат младите ширум државата.

Како резултат на нивната работа, беше изработен предлогот за користење на можностите на Националната платформа за учење на далечина, која беше развиена на почетокот на КОВИД-19 пандемијата. Со оглед на тоа дека секој веќе ученик има свој профил на платформата, идејата е да се направат три поделби на платформата:

  • простор за споделување на успешни приказни за препознавање на трудот на наставниците и учениците кои имаат постигнато одлични резултати во одредена област или имаат реализирано ученичка иницијатива која би служела како инспирација за другите;
  • блогови креирани од страна на ученици на теми од нивен интерес;
  • форуми во кои ќе можат да се вклучат учениците и да отворат дискусија на различни теми, заедно со нивните врсници.
Фото: Македонски центар за граѓанско образование

„Еден од поголемите предизвици на учениците е недостаток на можности за меѓусебна
социјализација. Доколку се искористи правилно, технологијата би им овозможила на
учениците да комуницираат и соработуваат без разлика каде се наоѓаат“, посочија учениците на денешната средба со претставниците од образовните институции каде ја презентираа својата идеја со цел да добијат повратна информација за нејзино успешно исполнување и можна реализација.

Меѓу присутните, покрај членови на Министерството за образование и наука имаше и наставници, претставници од стручните служби и директори на вклучените училишта, како и претставници од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.

Центарот за фузија на идеи е поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО).