Ученици симулираат убиства од „Скуид гејм“, психолози предупредуваат на внимателност

фото: Исечок од „Squid Game“, принтскрин од видео на Јутјуб

На големи одмори, ученици во училишта низ државата, симулираат убиства и прават други насилни предизвици од популарната јужнокорејска серија Squid game. Оваа серија предизвика бурни реакции заради негативното влијание врз децата и младите, а во некои држави властите веќе и препорачаа родителите да не им дозволуваат на нивните деца да го гледаат шоуто. Тоа се случи во Британија, каде што локалните власти побараа од родителите такво нешто, откако беше објавено дека децата на возраст од шест години ги копираат насилните предизвици од играта.

За влијанието на серијата врз младите, која има повеќе од 140 милиони гледачи, зборуваме со проф. д-р Мирослав Пендаровски, универзитетски професор, психолог и психотерапевт, кој предупредува дека сè што личи на игра, не е игра.

„Не е дека е првпат на младите ширум светот да им се нудат серии кои ги застрашуваат родителите, наставниците па и сите други директно, или индиректно засегнати од прашањето – каде отиде/оди светов“, вели Пендаровски.

Според него, т.н. игри со симулации на убиства, перверзии, насилие од секаков тип можеби од една страна овозможуваат катарза на некои насобрани фрустрации кај младите, но, долгорочно создаваат еден унифициран модел на идентификација со ликови кои го носат мрачното во нас.

„Во тие години децата и младите имаат потреба од модели за идентификација и по моделот на идентификација а понекогаш и по моделот на проста имитација, несвено или полусвесно ги примаат особеностите на ликовите кои ги подражаваат – вели тој.

Не секогаш, според него, тие ликови се извор на здрави етички и животни вредности па со самото тоа и претставуваат лоши модели, а кои од младината се впиваат без поговор, затоа што тоа е кул.

„Па така доаѓаме до една чудна позиција – до каде е игра, а до каде станува сериозно? Неретко, а тоа било пример и во не така дамнешното минато, сум пишувал за слични опасни „игри” како онаа со удирањето на младите еден со друг сè додека не се издишат и не се доведат до состојба на несвест (што беше лош тренд пред само неколку години), потоа, скокањето од прозорците на училиштата … Секогаш сум ја потенцирал мултидимензионалноста и комплексноста на овие прашања кои не се само психолошки туку и социјални и етички“, додава Пендаровски.

Денес се познати истражувања со две крајности во заклучоците околу влијанието на насилните игри и/или филмови врз агресивното однесување кај децата – едната група истражувања тврди дека играњето агресивни игри или гледањето агресивна содржина придонесува за намалување на агресивносот однесување на децата како резултат на емоционално празнење познато како катарза (грчки: катарзис, емоционално ослободување), а другата група истражувања вели дека играњето или гледањето такви содржини го поттикнува насилното однесување.

„Што станува со градењето здрави вредности кај генерациите а се однесуваат на доброто, алтруизмот, помагањето, културното поведение, добробитта на другите?! Каде се воспитно-образовните дилеми, какви генерации воспитуваме и кој утре ќе го понесе товарот да води едно релативно здраво и морално општество? Каде е границата на она што е во ред и она што едноставно, не е во ред?“, јавно прашува Пендаровски.

Според него, ова се прашања од комплкесен тип и бараат сериозни разгледувања со кои треба да се бават и родителите и наставниците и психолозите а секако и тие кои ги пласираат ваквите содржини.

Пендаровски вели дека е неопходен систем од насоки, мерки и поведенија кои ќе го враќаат здравото и зрелото насочување на младите кон генералните животни вредности, секако притоа, почитувајќи ја и нивната индивидуалност.