Учениците кои освојуваат признанија на меѓународни натпревари имаат потреба од системска поддршка

Учесниците на „World Scholars' Cup, Global Round Prague 2022“ од Северна Македонија. Фото: Приватна архива, објавено од Meta.mk со дозвола.

Во втората половина на август во Прага се одржа меѓународниот натпревар по знаење и критичко мислење „World Scholars Cup“, или во неофицијален превод „Светски куп на ученици-научници“, на кој успешно учествуваа и пет екипи од Северна Македонија.

На натпреварот „Prague Global Round 2022“, oдносно „Глобална рунда во Прага 2022 година“ учествуваа над 400 ученици од основно и средно образование од 18 држави, поделени на јуниори и сениори. Меѓу другите земји, имаше учесници и од Канада, Тајван, Јужноафриканската Република, Кенија, Виетнам, Монголија, како и Израел, Турција, Словенија, Бугарија, САД и Франција.

Дел од церемонијата на затворање на натпреварот, со претставување на знамињата на сите земји од кои има учеснички. Фото: Приватна архива, објавено од Meta.mk со дозвола од авторот.

Македонските тимови, составени од по три члена, ги сочинуваа јуниори – ученици од скопските училишта ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Колеџот „Јахја Кемал“ и ООУ „Братство“ под менторство на наставниците Билјана Стојаноска, Никола Ѓелинчески и Цветанка Toмевска.

Во тек на пет дена, учесниците требаа да покажат вештини во три генерални области на англиски јазик: квизови/тестови на знаење, дебатирање и пишување есеи, на теми од природни и општествени науки, од физика, хемија и биологија до историја, литература, медиуми и нови технологии. Фокус на наставната програма за 2022 година е критичка примена на тие знаења во врска со климатските промени и други актуелни глобални прашања.

Покрај академските натпревари, во рамки на Глобалната рунда на Светскиот куп се одржаа и настани за запознавање меѓу учесниците од разни земји преку заедничка тимска работа, како и целовечерен „Саем на култури“ со штандови и забавна програма на кои децата си ги претставуваат државите и културите, споделувајќи карактеристична храна, сувенири или знаења, од учење традиционални танци како оро од македонските, израелските и турските учесници, до шаманско гатање од Монголија.

„Саем на култури“ како дел од натпреварот Светски куп на ученици-научници. Фото: Приватна архива, објавена од Мета.мк со дозвола на авторот.
„Саем на култури“ како дел од натпреварот Светски куп на ученици-научници. Фото: Приватна архива, објавена од Мета.мк со дозвола на авторот.

За да се квалификуваат за учество на глобалната рунда, учесниците требаа да покажат знаење на национален натпревар во текот на пролетта, кој во Северна Македонија се одржа од 12. до 14. мај во Колеџот „Јахја Кемал“. Учениците кои преку збирање поени во различните области постигнат доволен успех се квалификуваат за учество на „Турнирот на шампиони“ кој секоја година се одржува на Универзитетот Јеил во САД.

Награда именувана по Исак Асимов. Фото: Приватна архива, објавена од Мета.мк со дозвола на авторот.

Филозофијата на овој Светски куп, посветена на мотивирање на децата да продолжат да стекнуваат и споделуваат знаење, не користи терминологија на „победници“, бидејќи тоа повлекува и „губитници“. Наспроти тоа, се дава акцент на промоција на постигнувањата на секој учесник, па оние кои освојуваат поени над одредено ниво, било во екипна било во индивидуална конкуренција беа наградени со златни или сребрени медали. При тоа се истакнуваат оние кои ќе се квалификуваат за наредните фази на натпреварот.

Учесниците кои покажуваат успех во повеќе области добиваат и посебни награди, наречени според познати научници како Исак Асимов и Леонардо да Винчи.

Во јуниорска конкуренција во Прага трите врвни места во на индивидуално ниво ги освоија ученички од Израел, Јара Хелер и Абел Рихтер, и од Канада, Ања Фирглац-Грасино. Хелер и Рихтер, заедно со Ширел Азман го сочинуваат и тимот прогласен за врвен и во екипна конкуренција.

Највисоко рангираниот тим на натпреварот. Фото: приватна архива, објавено со дозвола.

Највисоко пласиран тим од Северна Македонија беше тимот означен со бр. 249 од О.О.У. „Ј. Х. Песталоци“, составен од Лина Јанеку, Срна Поповска и Дамјан Стојановски, кој воедно благодарение на освениот вкупен пласман, доби и титула врвен претставник за Северна Македонија.

Дел од проглаувањето на највисоко рангираните учесници по земји. Фото: приватна архива, објавено од Meta.mk со дозвола.

На 5 септември, учениците од училиштето „Песталоци“ кои учествуваа на натпреварот во Прага беа поканети на разговор кај од градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски. Тој објави фотографии од средбата на неговата Фејсбук-страница со изјава дека се гордее со нив и им посакува голем успех, а воедно им благодари „што се вистински амбасадори и ја промовираат државата истакнувајќи ги своите квалитети“.

Учениците од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ кои учествуваа на „World Scholars’ Cup, Global Round Prague 2022“ на средба со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Фото: Општина Центар, објавено на Фејсбук-страницата на градоначалникот.

Годинава дел од патните трошоци за Прага за една од менторите беа покриени со грант од Општина Центар. Родителите на учениците кои учествуваат на вакви натпревари со кои контактираше Meta.mk укажуваат дека е исклучително важно да се обезбеди општествена поддршка за учество на талентираните ученици на вакви настани, бидејќи најголем дел на трошоците за котизации, пат и престој и за децата и за менторите се покриваат од семејните буџети.

Родителите се надеваат на системско решавање на оваа потреба преку обезбедување средства и на општинско и на државно ниво, кои би се дистрибуирале преку училиштата или на друг начин, за да се обезбеди целосна транспарентност и овозможување учество на сите деца кои со својот труд ќе се квалификуваат, без разлика на социјалната и економска положба на нивните семејства.

На овогодинешниот „Турнир на шампиони“ што ќе се одржи oд 11 до 14 ноември во Универзитетот „Јеил“ ќе учествува тим од „Песталоци“ составен од деветтооделенците Виктор Јакимов, Сара Кнежевиќ и Лука Вајевиќ, кој претходната година ги помина сите рунди на национално и регионално ниво, вклучително и претходната „Глобална рунда“ во Дубаи.