Ученички со солзи, на првиот училиштен ден се затворија средните женски училишта во Авганистан

Army Amber / Pixabay

Денеска е првиот училиштен ден и ре-отварањето на училиштата низ Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта во август минатата година. Притоа, главната одлука гласеше дека на сите девојчиња, односно ученички ќе им биде дозволено посетување на настава, доколку се придржуваат до правилата и униформите за облекување.

Само неколку часа по отворањето на сите училишта по речиси седум месечен прекин, талибанските власти изјавија дека средните училишта за девојчиња ќе останат затворени. Според оваа одлука, сите женски ученици над 11 години немаат право ниту можност за едукација, јавува Би-би-си.

Министерството за образование на Авганистан е со став дека училиштата ќе останат затворени додека не се смисли некој план што ќе биде соодветен на исламскиот закон и авганистанската култура.

„Ги информираме сите средни училишта за женски ученици и оние училишта каде ученички учат над шесто одделение да останат затворени до следната одлука“, пишувало во одлуката, информира Ал Џезира.

Девојчињата кои денеска тргнале на училиште завршиле со солзи и разочарување. Само една недела претходно им беше соопштено дека ќе можат да се вратат на училишните клупи на 23 март, а денеска и тоа им беше одземено.

Иако на почетокот на месец февруари, Талибанците им дозволија на женските студенти да ги довршат нивните студии на факултет, засега загрижувачка е ситуацијата што ниту едно девојче ученик во погорните одделенија во основно училиште нема да има можност да се школува, а истото важи и за средношколската возраст. Во моментов на територијата на Авганистан се затворени и повеќето основни училишта, по што женската популација останува без можности за било каква едукација.