Ученичка во основното училиште „Кочо Рацин“ во Центар направила список со закани за соученици, потврди Министерството за внатрешни работи. Во информацијата оттаму стои дека вчера во СВР Скопје 47-годишна жена пријавила дека ученичка во училиштето направила список со закани за соученици.
„Известена е директорката на училиштето, Центарот за социјални работи и јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат во МВР.
Директорката на училиштето Гордана Јаневска беше достапна на телефон, но не сакаше да даде изјава во врска со случајот.
Инаку, градоначалникот на Центар Горан Герасимовски вчера ги свикал на состанок сите директори на училишта, на кои било разговарано за овој случај.
„Ние разговаравме на состанокот со градоначалникот за тоа, што сè одржуваме – вонредни состаноци на советот на родители, училишни одбори, состаноци со ученичкиот парламент, како и за тоа, какви работилници имаме реализирано во рамки на училиштата. Разговаравме во насока на тоа како да се превенираат проблеми, по крвавиот масакр во белградското основно училиште. На состанокот, директорката на „Кочо Рацин“ кажа за случајот за ученичката“, вели за Мета.мк директорка на училиште во Општина Центар.
По масакрот што го изврши седмоодделенец во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, експертите предупредуваа дека во една ваква ургентна состојба, може брзо да се појави „домино ефект“, што впрочем и се случува во соседна Србија после трагедијата. Тамошната полиција морала да реагира во повеќе од 20 случаи во кои имало закани на ученици.