Унијата на ученици на Северна Македонија (УУМ) спроведе анкета со ученици од неколку средни училишта во земјава, чии резултати укажуваат дека на секој ученик му недостигаат два до три учебници. И во тие книги кои ги имаат, средношколците тврдат дека постојат грешки во содржината, пишува „Порталб.мк“.

Учениците го обвинуваат Министерството за образование и наука за невнимателност, дополнувајќи дека не исклучуваат организирање протести.

Спроведената анкета на примерок од 343 ученици говори за проблемите со кои се соочуваат тие кога започнуваат со учебната година, извести во Тетово претседателот на Унијата на ученици од средните училишта, Бленд Ходаи. Според резултатите, секој ученик се соочува со недостаток од два до три учебници, и со тоа се крши Законот за учебници.

– Секоја нова учебна година учениците се соочуваат со бројни проблеми кои оневозможуваат нормален тек на наставниот процес. Меѓу другото, ги наведуваат следните: недостаток на 20 отсто од учебниците, учебниците и понатаму содржат бројни грешки во текстовите, и понатаму се користат од страна на учениците пет години по ред, средните стручни училишта се соочуваат со недостатокот од соодветна литература каде што 50 отсто од учениците изјавиле дека немаат учебници – рече Ходаи.

Наспроти фактот дека со закон е предвидено учебниците да се обезбедат бесплатно за секој ученик, до оваа Унија имало пријави дека сепак има професори кои прават бизнис, продавајќи им учебници на учениците со кои подоцна го спроведуваат наставниот процес. Во недостиг на соодветен материјал, учениците исто така се обврзуваат да фотокопираат неколку книги бидејќи во спротивно немаат од каде да учат.

– Учениците се обврзани да купуваат одредени учебници од професорите и да фотокопираат други учебници и покрај рекламирањето дека учебниците се даваат бесплатно. Имаме примено неколку пријави за одреден број на наставници дека продаваат книги кои не се лекторирани и без рецензија – соопшти Бленд Ходаи.

Според него, Министерството за образование и наука вината за недостатокот на дел од учебниците ја префрлува во Управата за средни училишта, со образложение дека овие училишта не доставиле барање до надлежните органи на Министерството за образование и наука за да се снабдат со учебниците кои недостигаат.

Меѓутоа, од Унијата на ученици ги обезбедиле поднесените барања од две средни училишта до надлежното министерство, кои и покрај фактот што доставиле барања, сепак не биле снабдени со учебници.

Унијата на ученици од средните училишта на Република Северна Македонија најави други демократски чекори за решавањето на овие проблеми. Тие не го исклучуваат организираното бојкотирање на наставниот процес, како и протестите на учениците низ цела земја.